Владата од октомври планира да воведе мерка со која ќе го субвенционира зголемувањето на платите на работниците во државава во нето износ до 100 евра.
Како што објави „360 степени“ мерката ќе важи за секое покачување на платите до овој износ, а придонесите ќе ги плаќа државата.
Владата планира мерката да почне да се применува од први октомври оваа година. Конкретно, ако работник зема плата во нето износ од 20.000 денари и работодавецот одлучи да му ја зголеми за 5.000 денари нето, придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување за зголемувањето од 5.000 денари ќе ги плаќа државата. Работодавецот ќе плати само персонален данок на зголемувањето од 5.000 денари.
Од владејачката СДСМ сметаат дека на ваков начин ќе легализираат дел од платите што сега се исплаќаат во кеш, без притоа да трпат пензискиот и здравствениот фонд. Според проекциите, на годишно ниво, за оваа мерка ќе треба да се издвојат околу 40 милиони евра од државниот буџет.
Следната недела на владина седница се очекува да помине ребалансот на Буџетот, а во него ќе има вградено и мерки за да се стимулира севкупното покачување на платите во државата, брифираат извори од СДСМ.
Според нив, една од мерките ќе биде државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување, доколку работодавачот ја зголеми платата на работниците во нето износ од 25 отсто од просечната плата. Оваа мерка ќе почне да се применува од октомври годинава, а со неа, сметаат од СДСМ, ќе се оди кон исполнување на ветените таргети од 16 илјади минимална плата и 30 илјади просечна плата.
Дел од мерките, како што брифираат од СДСМ, ќе бидат насочени и кон младите со цел тие да не ја напуштаат сопствената држава.
Од СДСМ брифираат дека финансиската состојба и ликвидноста на државата е одлична.