Во вечерните натпревари од квалификациите за Европското првенство 2020 година, Франција ја декласира Албанија со 4:1 (албанците својот почесен гол го постигнаа во 92 минута), Србија загуби од Португалија со 4:2 во Белград, а Андора беше на прагот да предизвика сензација во натпреварот во Истанбул со Турција, играјќи 0:0 до 88 минута кога прими гол. Со тоа Турција ја забележа својата четврта победа во групата (ја победи на свој терен и Франција со 2:0, а вечерва се мачеше) и остана изедначена во бодовите со Франција и Исланд.
Србите примија гол за 0:1 во првото полувреме во моменти кога ја имаа играта во рака. Португалците потоа во вториот дел постигнаа уште еден гол, Србите намалија, следеше трет гол за Португалија, а во 85 минута Србија успеа да стигне до 2:3. Кога се очекуваше пеколен финиш пред голот на Португалија, веќе во следниот напад Португалија стигна до четврти гол и со тоа стави крај на овој натпревар.
Овој пораз драстично ги намалува шансите на Србија да стигне до второто место во групата. Таа сега има 4 бодови од четири натпревари, прва е Украина со 13 бодови од пет натпревари, а втора Португалија со пет бодови од три натпревари.