Коле МАНЕВ
Нашата земја (Северна Македонија!?) е како школка, се отвара пред Европа, а бисерот од нејзе почнува силно да сјае! Премиерот Зоран Заев сместен во паркот, на бината наречена „Школка“, пред два-триста посетители ја искажа оваа длабока и содржајна мисла. Кога ја слушнав, си реков, види, види какви поетски изливи почнува да ни кажува Заев по повод „8 Септември“, денот на независноста на Република Македонија.
Во неговото пледоаје има неколку мисловни и историски грешки, на пример, нашата земја се отвора пред Европа, а бисерот од нејзе почнува силно да сјае! Македонија и историски и геогравски а посебно културно е дел од Европа одкако постои светов! Заев можел да каже, нашата земја е како школка која се отвора пред ЕУ. Но и така да се изразел, повторно ќе влегол во виорот на дилемите.
Нашата „македонска школка“ не верувам дека во догледно време ќе блесне и ќе почне да сјае во семејството на ЕУ. За ваквите небулози и не треба да му се замери на Заев, но тоа што е за сериозна замерка е фактот кој предизвикува дури и чудење: Кака како овој човек, дури и кога се наоѓа во Градскиот парк, истопорен на бината наречена „Школка“, посебно по повод Осми септември, денот на независноста на Република Македонија, како може да ни кажува дека нашава земја е како школка, дека се отвора пред Европа, а бисерот од нејзе почнува силно да сјае, и како не може или не сака да се сврти малку наназад и да види дека откако тој дојде да управува со државата, во државата е направен пустош. И најсилните природни непогоди како урагани, земјотреси не можат да направат штети какви што направи Заев играјќи улога на политички, историски и културен торнадо. Не остави ниту една област од севкупното живеење во која не поткопал или разнебитил до темел. Заедно со политичкиот чопор со кој е опкружен, се разбира по негов избор, поткрепен од некои странски фактори кои сега никаде ги нема, го промени името на државата, ја раздава историјата, продава значајни историски дејци, промовира Закон за употреба на јазиците на цела територија од државата, нешто што е надвор од умот, пред истиот да биде поднесен на мислење до Венецијанската комисија. Со негов изум се шмирглат белези од шахтите, се поставуват плочки дека некои од спомениците се од Хеленска култура! Во државата клокоти аферата ,,Рекег“, но и покрај тоа без трошка срам Заев ни кажува дека нашата земја е како бисер кој само што не светнал. Карактеристика на ураганите и торнадата е во тоа што во центарот на нивната деструктивна сила без контрола привлекуваат, шмукаат, се и сешто и поради тоа почнуват да ја губат моќта, да се преобразуват во нешто друго оставајќи пустош зад себе. Тамо каде што поминал торнадо ниту еден бисер не може да сјае.