Северниот бран ја зафати и македонската валута, па така и дел од банкнотите ќе станат „северни“.
Народната банка склучила договори за набавка на нови банкноти со 10 и 500 денарки, со истиот дизајн, а единствената промена е додавањето на Северна во името на Република Македонија.
Потребно е да се заменат буквите НБРМ со НБРСМ и текстот Народна банка на Република Македонија со текст Народна банка на Република Северна Македонија секаде каде што се појавуваат, стои во склучените договори.
За набавка на новите 20 милиони парчиња банкноти со апоен од 10 денари Народната банка ќе плати 971.000 евра, а за 15 милиони парчиња од 500 денари ќе плати 587.000 евра. Банкнотите ќе се печатат во странство.
Парите ќе се заменуваат постепено, односно со повлекувањето на оштетените парчиња. Целиот процес треба да трае повеќе години, а негово забрзување може да предизвика добивање датум од ЕУ и отворање на соодветното поглавје од преговорите со Унијата како што е предвидено со Преспанскиот договор.
Засега е неизвесно дали денарите ќе станат и двојазични. Се уште се чека мислењето на Венецијанската комисија која треба да каже дали е во согласност со Уставот парите освен на македонски да бидат испишани и на албански јазик.