Судечкиот совет го одби барањето на адвокатите на обвинетите за запирање на постапката за предметот „Таргет -Тврдина“ како неосновано и денешното рочиште продолжи со сослужување на сведокот Зоран Верушевски.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски на судењето во Кривичниот суд појасни дека законот на СЈО е во правна сила до 2020 година со што само СЈО може да води постапки за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
-Согласно законот на СЈО само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител, рече Шврговски.
Зоран Верушевски е предложен како сведок од обвинителството за преметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО, што го презема во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Македонија.
Верушевски сега советник за национална безбедност во Владата, претходно од 1998 до 2002 во три наврати бил директор на ДБК, а во еден мандат раководител на Одделот за стратешки операции во Агенцијата за разузнавање.
Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет Тврдина“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Ленче Ристевска. Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која обвинителката Ристевска беше разрешена од СЈО и вратена во матичното ОЈО Скопје.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.