Продлабочување на успешната соработка меѓу Собранието на Македонија и Парламентарното собрание на ОБСЕ, била тема на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Георге Церетели остварена во рамките на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, што се одржува денеска и утре во Нур-Султан, Република Казахстан.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбата на која присуствувале и Енес Ибрахим, пратеник во Собранието на Македонија и Паскал Ализар, потпретседател на ПС на ОБСЕ и сенатор од Франција, Џафери нагласи дека, во нашата земја високо се цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата. Особено активностите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје која, како што посочил, тесно соработува со Собранието, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и унапредувањето на родовата еднаквост.
Џафери се осврна, се додава, и на перспективите на евроинтеграциските процеси на Македонија и спроведувањето на темелни реформи во многу стратешки области, во кои Собранието одигра клучна улога.
Претседателот на ПС на ОБСЕ Церетели, пак, се посочува, упати честитки за храбрите одлуки и реформите што ги спроведе Македонија и истакна дека, многу држави во земјата гледаат позитивен пример за успешно разрешување на конфликтите во согласност со принципите на Хелсиншкиот финален акт на ОБСЕ. Тој оцени дека, членството на нашата земја во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот.
Претседателот Церетели информираше за активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ и оцени дека, сите земји учеснички во ОБСЕ треба да работат на исполнувањето на заложбите на Организацијата, при што ја истакна улогата на парламентарците на овој план. Церетели се осврна на различните механизми на ПС на ОБСЕ и на улогата на специјалните претставници најавувајќи дека, Специјалниот пратеник за Југоисточна Европа Марк Причард, во најскоро време ќе оствари посета на Македонија.
На средбата стана збор и за активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборните циклуси во Македонија, при што беше изразена подготвеност за целосно спроведување на препораките за подобрување на изборните процедури.
На крајот на средбата, претседателите Џафери и Церетели се согласија дека плодната соработка меѓу Собранието на Македонија и Парламентарното собрание на ОБСЕ треба да продолжи и во иднина, стои во соопштението.