Рут Чепнгетич од Кенија триумфираше на женскиот маратон на Светското првенство во Доха.
Ова беше историски маратон бидејќи се трчаше по полноќ, но поради временските услови, мораше да биде така. Додека девојките трчаа, температурата се движеше од 30 до 32,7 степени, со влажност на воздухот од 73 проценти. Потфрлија Етиопјанките, ниту една од нив не го заврши маратонот.
Победничката имаше време од 2 часа, 32 минути и 43 секунди, што беше за 63 секунди побрзо од втората Роуз Челимо од Бахреин, додека бронзениот медал го заслужи Хелалија Јоханес од Намибија. Најдобите десет маратонки обезбедија место на Олимписките игри во Токио.
Денеска на СП во атлетика има шест финалиња, од кои најинтересно е трката на 100 метри за мажи, во која фаворит е Кристијан Колмен од САД.
Негов најдобар резултат на 100 метри е 9,78 секунди постигнат минатата година.
Светскиот рекорд го држи Усеин Болт со 9,58 секунди постигнат во 2009 година.
СП се одржува во Доха, Катар. Во 16 часот по тамошно време температурата беше 36 степени, поради што натпреварите се одржуваат доцна навечер кога температурата се спушта на 30-тина степени. Синоќешниот женски маратон се трчаше по полноќ на температура од 32 степени.