Припадници на полицијата, шумската полиција, судската полиција, како и затворската полиција, поддржани од полициски синдикати од повеќе земји, меѓу кои и од Бугарија, Србија и Словенија, денеска одржаа протест пред Владата, со барање да бидат зголемени нивните плати за 25 проценти и да се направат колективни договори.

Протестите, организирани од Независниот синдикат на полицијата, се одржаа на повеќе локации, а при собирот пред Министерството за правда, претставници на штрајкувачите беа повикани на средба со цел да се подобрат условите на затворската полиција.

Претставниците на затворската полиција, како што наведе нивниот претставник Горан Ристевски, се договориле со министерката за правда Рената Дескоска, утре да се даде предлог за изменување на Законот за извршување на санкции.

– Договорено е веќе утре да се стави предлог за изменување на Законот за извршување на санкции, за колегите кои го остваруваат правото на пензија, по сила на закон, во најбрз можен рок да да се направат измените и да одат заслужено во пензија, истакна Ристевски.

Владимир Литовски, претставникот на судската полиција наведе дека бараат прифаќање и донесување вна предложениот правилник од Независниот синдикат на судксата полиција, за додаток на плата до 20 проценти кој е регулиран со законот за судска служба.

– Бараме итно формирање на работни групи кои ќе имаат членови од судска полиција за отпочнување на законски измени во законот за судска служба каде што ќе биде регулиран бенифициран стаж на судските полицајци и јасно и недвосмислено наведени проценти за додатоци за ноќна работа, работа на празник, работа за време на наделен одмор, работа во турнус и работа изложена на висок ризик која постои во законот како додаток, а не е одреден никаков процент, нагласи Литовски.

Побара да се донесе колективен договор за Судската полиција.

– Бараме потпишување на колективен договор за цело Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Шумската полиција го спречува дрвокрадството и има работа од висок ризик. Нашите примања се во висина од 16.800 денари. Со тој колективен договор кој го чекаме 21 година многу ќе се подобрат условите за работа и за живот на шумскиот полицаец, рече Никола Гагоски од шумската полиција.

Членовите на НСП истакнаа дека нема да се откажат се додека не бидат исполнети нивните барања.

– Го повикуваме и премиерот да се ангажира лично да го реши нашиот проблем и да почне постапка за покачување на нашите плати за 25 проценти. Ние работиме ризични работи, мора да ги исполнуваат нашите права и мора еднаш за секогаш премирот да се запраша „чекај кога униформата искача на улица, па што чекаме за друго“. Дали вака ќе одиме во Европска Унија премиере? Нема ви ветувам дека нема Унија, порача еден од демонстрантите.