Членството во Европската Унија само по себе не е универзален лек за проблемите. Владите се избрани да го подобрат животот на граѓаните, а владеењето на правото е од огромна важност. Знаеме дека во цел регион важи правилото дека е многу поважно кого го познаваш, отколку што знаеш. Има големо нетрпение кај луѓето во регионот за да видат дека има промени. Треба сами да се борите против корупцијата и клиентелизмот.

Ова во интервју за МИА го вели Џоан Хови, директор за Европа на Истражувачкиот оддел на Економист (ЕИУ).

Таа вели дека има голема веројатност Македонија да добие датум за преговори со ЕУ овој месец. Вели дека земјата ги исполни сите услови кои и беа наложени – решавање на спорот со Грција и Договорот за добрососедство со Албанија и оти треба да биде поканета да ги почне преговорите за членство.

Во однос на економските предизвици како тука, така и во регионот, Хови посочува дека на регионот му требаат странски инвестиции, му требаaт искуства од Западот, со цел да ја зголемат продуктивноста.

Владеењето на правото и борбата против корупцијата и против клиентелизмот што преовладува во регионот се од суштинско значење за привлекување странски директни инвестиции, подвлекува Хови во интервјуто за МИА.

Хови предводи тим од 15 аналитичари, кои даваат прогнози за политичкиот и економскиот развој во 50 европски земји. Нејзина специјалност е политика и економија на Балканот и Источна Европа, Велика Британија и Грција, демократија, геополитика и постокомунистички транзиции.

Пред да стане дел од тимот на Економист, таа работи како новинар и аналитичар за Источна Европа во 90-те години и е уредник на Годишниот индекс за демократија, на ЕИУ.

-Самитот на Економист за Западен Балкан првпат се одржа во Скопје, се одржа во клучен период за овој регион во однос на европските интеграции. За две недели Европскиот совет треба да одлучи дали на земјава ќе и даде зелено светло за отпочнување преговори. Учесниците на самитот беа едногласни дека Советот треба да донесе позитивна одлука во однос на С. Македонија и оти во спротивно во прашање ќе биде самиот кредибилитет и влијанието на Унијата. Какво е вашето мислење по ова прашање?

– Од една страна прашањето е јасно. Република С. Македонија го одржа својот дел од договорот, ги исполни сите услови што беа дадени за членство, како што беше финализирањето на Преспанскиот договор и исто така потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Треба да биде јасно, бидејќи земјата ги исполни условите и треба да биде поканета да го почне процесот на преговори. Од друга страна знаеме дека имаше и одредени проблеми. Поканата се очекуваше да биде во јуни на Самитот, но не беше дадена. Причината, која ја наведоа беше дека немало доволно време по Договорот од Преспа за да се додели поканата. Но зад таа одлука има неколку прашања: едното прашање што го знаеме е дека барањето за преговори на С. Македонија е врзано за она на Албанија. Во Албанија има неколку проблеми, политички и уставни.  Таму има загриженост и за владеење на правото. И прашањето е дали одлуката за С. Македонија треба да биде врзана со одлуката за Албанија. Многумина ќе кажат дека секоја земја треба да биде третирана врз основа на сопствените достигнувања и одлуката за тоа треба да биде донесена врз таа основа.

Другите прашања се поврзани за самата ЕУ. Има земји во Унијата, како што се Холандија и Франција, кои се противат на натамошниот процес на проширување на ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон беше доста јасен по тоа прашање во неколку пригоди. Тој се противи на натамошно проширување се додека ЕУ не се реформира внатре, додека не си ја среди куќата. Франција и Холандија се загрижени и за прашањето за владеење на правото. И имајќи го тоа предвид, ќе се навратам на мојата прва поента, а тоа е дека С. Македонија ги исполни сите услови што беа поставени и треба да биде поканета да ги почне преговорите за членство.

Одговорот е дека не знаеме што ќе се случи за две недели, би кажала дека има голема веројатност за тоа и дека поканата ќе биде доделена, бидејќи кредибилитетот на ЕУ исто така е во прашање. Сите во Западен Балкан ја чекаат оваа одлука, бидејќи таа ќе има влијание врз останатите во регионот. Врз оние кои веќе се инволвирани во процесот и оние кои чекаат. Немам кристална топка, но би рекла дека шансите се добри.

-Франција досега имаше цврст став дека Унијата треба прво да изврши внатрешни реформи, а потоа да продолжи со проширувањето. Според Вас, дали евентуалниот цврст став на Париз може и овој пат да го одложи датумот за преговори на земјава?

Мислам дека е можно тоа да се случи. Знам дека има многу дипломатија зад сцената и претставници на Северна Македонија беа во посета на Париз и разговараа со француски владини претставници. И важно е што Бундестагот гласаше за почнување преговори за членство во ЕУ. Би рекла дека канцеларката Меркел се залага да биде доделен почеток на преговори и тешко е да се каже дали Франција и Холандија ќе ја ревидираат својата одлука. Но мислам дека има голем притисок врз нив да го направат тоа. Освен ако сега наеднаш не кажат дека има ново прашање, бидејќи условите беа јасни – финализирање на Договорот од Преспа, потпишување на Договор за добрососедство со Бугарија и никој не рече дека има друго прашање. И ЕУ е под притисокот да ја додели поканата.

-Пред да станете дел од тимот на Економист, Вие бевте новинар и во 90-те ги покривавте настаните во Источна Европа. С. Македонија во изминатите две години затвори клучни надворешно-политички прашања – го постигна договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа со кој се реши спорот со Грција што траеше повеќе од две децении. Како добар познавач на политиките во регионот, дали сметате дека тој Договор може да биде применлив и во односите Белград-Приштина, за и тоа прашање конечно да биде решено на Балканот?

– Тоа е многу тешко прашање. Знам дека многу луѓе кажаа дека потпишувањето на Преспанскиот договор создаде моментум во регионот да се решат и други отворени прашања, особено она меѓу Србија и Косово. Дијалогот меѓу Белград и Приштина се одвива неколку години, на моменти е замрзнат или суспендиран од различни причини бидејќи политичката ситуација во Косово, поради примената на тарифите од 100 проценти има пролонгирање но исто така и прашањето во позадина е што имаме нова Европска комисија. И покрај тоа што Федерика Могерини е многу активна во оваа област, има подолг прекин во разговорите во моментот. И прашањето е дали Договорот меѓу Грција и Северна Македонија може да се извезе во остатокот од регионот и дали е нешто што може да се ископира на друго место.

И можам да кажам дека не е толку едноставно. Бидејќи секоја ситуација е уникатна и овој спор меѓу Грција и С. Македонија беше специфичен, двете земји не беа во војна ниту во насилен конфликт во изминатите години, како што беше ситуацијата во Косово, имаше друг вид релации меѓу двајцата премиери Зоран Заев и во тоа време Алексис Ципрас, нивниот однос беше базиран врз сличнo политичко убедување и двајцата се левоориентирани. Ситуацијата прво е поинаква, потеклото на конфликтот во Косово е поинаков. И односот меѓу лидерите на двете земји е многу поинаков, не е толку едноставен.

Но верувам дека надворешните актери веруваат дека тоа е платформа врз која ќе се гради договор и постои моментум за решавање на прашањето. Но голема е разликата во тоа што С. Македонија имаше поттик да го реши спорот, и со цел да го одблокира процесот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Тоа е многу силен поттик. Србија е во поинаква ситуација, таа веќе на некој начин е во процесот на преговори за членство и ако се земе факторот време и притисок врз Србија, датумот на прием е многу неодреден и веројатно далеку во иднината можеби има помалку притисок да го заврши овој процес, што и онака нема да биде лесен бидејќи се однесува на клучни прашања поврзани со суверенитет и идентитет, што никогаш не е лесно. САД и ЕУ ќе притискаат за продолжување на дијалогот, и српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека е посветен на процесот и ако дијалогот продолжи моето очекување е дека ќе има напредок, но не би очекувала брз напредок.

Вие сте постар аналитичар и регионален менаџер во истражувачкиот оддел на Економист за Европа, и сте експерт за економија и политика на Балканот. Каква е според Вас економската перспектива и кои се економските предизвици со кои се соочува регионот? Дали борбата против корупцијата и независното судство се клучни предуслови за привлекување странски инвестиции?

– Целиот регион беше многу погоден во 2009 година од глобалната економска и финансиска криза, но во последните години има заздравување, особено од 2015 година. И многу земји од Западен Балкан имаат економско стабилизирање, го регулираат проблемот со домашниот и надворешен дефицит, инфлацијата се намалува. Но порастот се уште е бавен во регионот и се уште многу заостанува зад земјите од Источна Европа во однос на нивото на БДП. Пораст од 3,5-4 проценти не е доволен за регионот, тој треба да расте многу побрзо, со цел граѓаните на овие земји да ги почувствуваат придобивките, да почувствуваат дека има промени. И прашањето е како да постигнеме побрз напредок?

Едно ќе кажам, и тоа важи за секоја земја која се приклучила кон ЕУ. Само по себе, членството во ЕУ не е универзален лек за проблемите со кои се соочува регионот. Има многу нешта што владите на овие земји треба да ги направат. Бидејќи тие се вредни за да се направат, на крајот на краиштата владите и се избрани да го подобрат животот на граѓаните. Тука владеењето на правото е многу важно. Знаеме дека во цел регион важи правилото дека е многу поважно кого го познаваш, отколку што знаеш. И тоа е она што ги загрижува обичните граѓани во цел регион кои бараат нивните влади да дејствуваат за да ја променат оваа ситуација, која е еден вид на клиентелизам и каде врските меѓу бизнисмените и политичарите ги одредуваат инвестициите во регионот. Тоа треба да се промени, и има големо нетрпение меѓу луѓето во регионот, за да видат дека има промени.

Прашањето за владеење на правото и борбата против корупцијата и против клиентелистичките односи што преовладуваат во регионот, е од суштинско значење за привлекување странски директни инвестиции. На регионот му требаат странски инвестиции, му требаaт искуства од Западот, со цел да ја зголемат продуктивноста, за иновации, за правилно да функционира бизнис средината.

Без разлика дали сте на патот кон ЕУ или не, тоа е нешто за што имаат интерес сите влади. Странските инвеститори ги интересира политичка стабилност и денес сме во многу подобра ситуација за разлика од пред пет години, имајќи го во предвид решението на спорот со името, и исто сакаат да видат напредок во борбата против корупцијата и владеењето на правото.