Најкратката вест од Самитот „16 + 1“, што викендов се одржа во Софија, може да биде вака: Србија со своите проекти, од НР Кина доби една милијарда евра, а Македонија со своите проекти доби една милијарда „перспективи за продлабочување на економската соработка со НР Кина“.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ од самитот во Белград се врати со конкретни договори за проекти, а премиерот Зоран Заев во Скопје се врати со остварени значително помалку од една милијарда средби, вести, статуси на социјалните мрежи, на кои е фалена политиката на нашата влада, за развојот на економијата и стандардот на граѓаните.

Со бројки, факти и со изјави на Брнабиќ и Заев, еве што доби Србија, а што Македонија на еден ист настан, во случајов самитот во Софија:

Проекти во Србија: Автопати и пруги

На самитот Србија потпиша три документи со Кина, од кои комерцијалниот договор за изградба на третата делница на брзата пруга Белград – Будимпешта, од Нови Сад до Суботица е вреден 943 милиони евра.

– Од исклучително значење е што на самитот конечно ја затворивме финансиската конструкција за целата делница во Србија. Ние почнавме со изградба на делницата Белград – Стара Пазова, Стара Пазова – Нови Сад, во должина од 75 километри, со руски и кинески компании. Од денеска имаме договор за преостанатите 108 километри од Нови Сад – Келебија и изградбата би можела да почне во 2019 година, изјави Брнабиќ.

Покрај овој договор, Србија со кинеските партнери потпиша и меморандум за соработка на проектот за реконструкција на делницата на Коридорот 10 на пругата Белград – Ниш – Прешево – Македонија и меморандум за индустриски парк за овошје и зеленчук.

Еве, од изјавата на Заев, што добива Македонија од истиот самит:

– Ги отвораме перспективите за продлабочување на економската соработка со НР Кина и сакаме да соработуваме на проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и економски развој на земјата, изјави Заев.

Ова го истакнал на средбата со претседателот на Владата на Кина Ли Кечијанг на маргините на самитот на шефови на влади од процесот за соработка на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Заев ја нагласил значајната поддршка што кинеската влада ја дава во напорите за забрзување на изградбата на двата автопата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Да, тоа се истите два автопата чија изградба, владата на Заев, ги стопира. Оти беа „режимски и Кинезите накриво ги дупеа тунелите“.

Кинескиот премиер Кечијанг, пак, како што соопштија од кабинетот на Заев, изразил „силна поддршка за чекорите што македонската Влада ги прави во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните и политиките за забрзување на економскиот раст“. Патем, економскиот раст, како што е веќе познато е 0,1 отсто во првиот квартал од годинава.

Проекти во Македонија: Благодарност до Борисов

 

Но, тоа не е се за македонската делегација на самитот. Освен од Кинезите, Владата на Заев добила поддршка и пофалби и од повеќе други учесници.

– Романската премиерка Виорика Данчила ја нагласи цврстата определба Романија да и помогне на Македонија со советодавна и техничка помош во претпристапниот процес. Разговаравме за иницијативата за заедничка организација на бизнис форум, како чекор којшто ќе води кон интензивирање на економските релации и билатералната соработка помеѓу двете земји, изјави Заев.

Тој има прокнижено уште „една зделка на самитот“:

– Изразив благодарност до премиерот на Бугарија, Бојко Борисов за одличната организација и срдечниот пречек на седмиот самит. Самитот претставува одлична можност за продлабочување на отворената соработка и поврзувањето помеѓу земјите од овој регион со НР Кина. На свеченото отворање на бизнис форумот, во рамки на самитот на кој учествуваа голем број компании, беа пренесени пораки за регионално и глобално бизнис поврзување, отворање на инвестициски можности и соработка во областа на инфраструктурата, енергетиката, иновациите и дигиталните технологии, изјави Заев на „Фејсбук“.

Тој додаде дека „отвораме можности за интензивирање на економската соработка помеѓу нашите земји, во регионот, но и пошироко“.

– Покрај економските придобивки, бизнис поврзувањето и поблиската комуникација обезбедува и поврзување на граѓаните, изјави Заев.

Очигледна е разликата во нашето и српското „поврзување на граѓаните“. Во Србија поврзувањето е со конкретни автопати и пруги, а во Македонија со патишта поплочени со добри намери. И со продлабочени перспективи.

Димитар Грумар