Еден ден по 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, настрада бистата на хероината Вера Циривири Трена во истоименото училиште во скопската населба Карпош.
Сторителите се непознати и по нив се трага откако бил пријавен случајот во МВР.
За време на окупацијата Вера Циривири била меѓу првите што се приклучува во НОБ и важела за многу добар инструктор со одлични организаторски способности. Во повеќе места таа се претставувала како Трена, некаде како Светлана, некаде како Ленче.
Бугарските окупаторски власти давале 20.000 лева за да ја фатат жива. По партиска задача заминала за Штип, каде што во ноќта на 15 јули 1944 година, од бугарската полиција била блокирана куќата во која се наоѓала. Вера боса почнала да бега кон соседните куќи. Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена од полициските агенти, кои ја гонеле. За да не се предаде жива во рацете на непријателот, Вера се самоубила.
Вера Циривири-Трена до денес не е прогласена за народен херој.