Три седмици пред предвиденото излегување на Велика Британија од ЕУ, надежите за договор се „подгреани“ по состанокот помеѓу британскиот премиер Борис Џонсон и неговиот ирски колега Лео Варадар во четвртокот. Времето истекува брзо и патот до договорот е полн со стапици. Хина пренесува пет можни сценарија за Брегзит.
Брегзит со договор
Во последен момент Лондон и Брисел успеваат да се усогласат за договор за раздвојување што ќе спречи тврда граница помеѓу Северна Ирска и Република Ирска, која е земја-членка на ЕУ. Еден ден откако ирскиот и британскиот премиер објавија дека „гледаат пат кон можен договор“, разговорите меѓу двете страни продолжија вчера, пред клучниот самит на ЕУ на 17-18 октомври. По „конструктивната“ средба, главниот преговарач на Европа, Мишел Барние, повика на „трпеливост“.
Но, има уште многу малку време, само три недели, до предвиденото заминување на 31 октомври, и каков и да е договор ќе треба да биде одобрен од британскиот парламент, кој веќе трипати го отфрли договорот што го постигна поранешната британска премиерка Тереза Меј, а во законодавниот дом Џонсон веќе нема мнозинство.
Ново одложување
Брегзит првично требаше да се случи на 29 март и веќе е одложен двапати, прво за 12 април, а потоа до 31 октомври, бидејќи британскиот парламент не може да се договори за тоа како треба да изгледа тоа заминување. Иако Џонсон постојано повторува дека што и да се случи Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, британскиот парламент пред еден месец донесе закон со кој се инсистира да се побара тримесечно одложување доколку не се постигне компромис.
Џонсон мора да побара одложување, но и натаму вели дека се ќе биде во предвидениот рок. Не е јасно како да ќе се постигне тоа. За одложувањето е потребна едногласна согласност од 27 земји-членки на ЕУ, кои може да побараат да биде пократко или подолго пролонгирање.
Брегзит без договор
До Брегзит без договор ќе дојде ако преговорите меѓу Лондон и Брисел не успеат, а 27-те членки одбијат уште едно одложување. Ова сценарио е особено вознемирувачко во економските кругови кои стравуваат од пад на фунтата, пад на извозот и зголемена инфлација или рецесија, со воведување царини и закана од недостиг на храна, гориво и лекови. Владата на Џонсон активно се подготвува за такво сценарио, повторувајќи дека располага со милијарди фунти за да го ублажи шокот.
Предвремени избори
Политичката криза во земјата е толку тешка што предвремените избори изгледаат неизбежни во наредните недели или месеци. Сите политички партии активно се подготвуваат за ова. Но, лабуристичката опозиција сака да почека да се осигура одложување на Брегзит пред да се повикаа избирачите на гласачките места. За Џонсон овие избори се клучни затоа што го загуби мнозинството во парламентот.
Ништо од Брегзит
Лабуристичката опозиција предводена од Џереми Корбин може да победи на предвремени избори со поддршка на либералните демократи (центристи и еврофили), а шкотските сепаратисти да одржат втор референдум. Гласачите, кои би избирале меѓу Брегзит со нов договор, кој би го постигнала новата лабуристичка влада и останување во ЕУ, би можеле да ја изберат втората опција и земјата да остане во Унијата.