Денес кога СЈО е бившо, Катица Јанева е бивша шефица и во притвор поради криминал, а Македонија ја потресуваат афери за рекет во серија, македонската јавност ќе се „бомбардира“ со шлаканиците од Груевски за Жерновски од пред шест години и од „бомбите на Заев“ за кои беше кажано од тие што ги набавиле дека се „монтирани“.

Денеска судењето за „насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година“  почна одново поради истек на 90 дена од одржување на последното рочиште.

Случајот го води судијата Душко Јосифовски, а застапник на обвинението е Фатиме Фетаи.

Обвинителката Фетаи, на почетокот на денешното рочиште, со оглед на тоа, како што рече, дека постапката трае веќе повеќе од три години, побара на обвинетиот Никола Груевски кој подолго време е во бегство да му се суди во отсуство.

Адвокатот Димитар Дангов побара, со оглед дека од последното одржано рочиште поминале повеќе од 90 дена, а и дека треба повторно да бидат изведени докази и сведоци, Судот повторно да процени кои докази се процесно важни и неважни со цел постапката што побрзо да заврши.

Бранителот Дончо Наков, рече дека се приклучува на предлогот и посочи дека со тоа што постапката почнува одново, а има измени во овластениот тужител, кој сега нема право да ги користи снимените разговори како докази, имајќи предвид дека тоа ексклузивно право го имаше единствено Специјалното јавно обвинителство, Судот треба да им дозволи да ги образложат дадените приговори по досега изведените докази.

Судот го прифати предлогот на обвинителот да му се суди во отсуство на Никола Груевски и ги одби предлозите на одбраната за одложување на расправата, за закажување посебно рочиште за образложување на приговорите по изведените докази и за новонастанатата ситуација со оглед на промената на овластениот тужител.

Обвинителката Фетаи кажа дека нема промена на обвинителниот акт и предложи изведените докази и веќе сослушаните сведоци, само да се прочитаат.

Одбраната се спротивстави на таквиот предлог и побара, со оглед на изменетата ситуација Судот да им овозможи да ги испитаат сведоците.

Судот одлучи да се читаат исказите на сослушаните сведоци.

Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.

Овој предмет прозилезе од една од „бомбите на Заев“, а се однесува на тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски.