За Германија, започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со РС Македонија е и останува да биде суштинско прашање на безбедноста и стабилноста во Европа.
Сметаме на тоа, С. Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ.
Ова се посочува во соопштение од Амбасадата на Германија во Скопје, по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел минатата недела, на кој не беше донесена одлука за старт на преговрите со Скопје и Тирана,
– Германија е на посебен начин поврзана со Западен Балкан, не само политички, туку и економски и општествено преку многуте луѓе од овој регион што живеат кај нас. Од заеднички европски интерес е да се интегрираат државите од Западен Балкан во Европската Унија. За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа, се наведува во соопштението.
Од Амбасадата потсетуваат дека германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 годинава, ја исполни оваа одговорност.
-Нашата позиција не се промени, и таа и понатаму треба да служи како импулс за размислување за другите. И ние сме за тоа, пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени, дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на РС Македонија. Германија и понатаму ќе ја поддржува С. Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле. Сметаме на тоа, С. Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ, стои во соопштението од Германската амбасада.