Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска изјави дека апсолутно не влијаел за одложувањето на прогресивниот данок и не штител бизнис интереси на компании, одговарајќи на новинарско прашање, на прес конференција на која зборуваше за успесите на Владата.
– Годинава како никогаш досега се издвоени средства за поддршка на економијата, вкупно 55 милиони евра или 37 проценти повеќе од лани кога беа проектирани 40,7 милиони, а резултатите се конкретни и видливи. Бројките покажуваат 3,6 отсто раст на БДП во првата половина од 2019-та, 5,5 отсто раст на индустриското производство, 14 проценти раст на извозот и 17,5 отсто раст на вработувањата, рече денеска Анѓушев.
Образложувајќи ги ефектите од Законот за финансиска поддршка на компаниите донесен минатата година, Анѓушев напомена дека домашната економија е на прав пат. Растот е поддржан од реални, не од виртуелни проекти и без какво било задолжување на државата. Јавниот долг и натаму, истакна, е во рамки на 48 и 50 отсто, како што беше во 2017 година.
Законот, потсети вицепремиерот, годинава претрпи измени за да ги опфати и компаниите од ИТ, земјоделскиот и градежниот сектор, како и сите што решиле да воспостават производство, а еднакво ги третира домашните и странските инвеститори. На заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши во Владата, соопшти дека досега договори за државна помош потпишале 171 компанија или 120 нови, ако се земе предвид фактот дека лани оваа бројка била 97.
-Овие компании прават петгодишни планови и имаат најавено 230 милиони евра инвестиции од кои 110 милиони се веќе реализирани. Имаат најавено и 4.577 нови вработувања од кои досега се отворени 2.117. Многу е важно што домашните компани почнаа да веруваат во овој Закон и да аплицираат. Законот е за поддршка на индустријата и индустријализацијата на државата, подвлече Анѓушев според кој, до 2017 година инвестициите беа во трудоинтензивни дејности, а сега се во капитални.
Тоа подразбира вработување високоедуцирани кадри и високи плати чија почетна сума го надминува македонскиот просек. Помошта е дисперзирана, ја добиваат компании низ целата држава, има рамномерен регионален пристап што придонесува за генерален развој.
На новинарско прашање дали можеби учествувал во одлуката за враќање на прогресивното оданочување и дали како човек кој има удел во многу компании штити бизнис интереси, Анѓушев беше дециден.
-Апсолутно не. Министерството за финансии ги правеше анализите, јас ги видов на владина седница кога беа разгледувани. Немав никакво влијание во делот на носењето на оваа одлука, нагласи вицепремиерот.
Во врска со реакциите на претходниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ, не кажа ништо. Само рече дека секој има право да коментира и дека економијата треба да се води врз основа на реални бројки, а нив ги објаснија министерката и премиерот.