Жените помлади од 40 години поставуваат високи услови при изборот на партнер онлајн, а пак, мажите со годините стануваат попребирливи, покажува нова психолошка студија на австралискиот Универзитетот на Квинсленд.
Истражувањето опфатило околу 41.000 корисници на интернет страници за запознавање на возраст од 18 до 80 години. Резултатите посочуваат дека има значајни разлики меѓу приоритетите на мажите и жените кои бараат сродна душа на Интернет.
Предводникот на истражувањето, д-р Стивен Вајт вели дека жените меѓу 18 и 30 години го нагласуваат образованието како еден од најчестите приоритетни услови, т.е. партнерот да има исто или повисоко образование.
– Еволуцијата открива дека жените се главно пребирливи во однос на партнерот, во многу култури низ светот. Обично го користат образованието како еден од индикаторите, бидејќи тоа се поврзува со интелигенцијата и социјалниот статус, а и двата атрибута се посакувани, објаснува д-р Вајт.
Мажите, пак, се помалку пребирливи до четириесетите, но потоа во голем број случаи стануваат дури и „поригорозни“ од жените, се наведува во статијата.
При барањето партнер/ка на Интернет, некои луѓе сепак стануваат малку помалку пребирливи, често омекнувајќи ги условите „во реалниот живот“.