„Одмаздници: Завршница“ (Avengers: Endgame) е победник на американските „Награди од публиката“ (People’s Choice Awards). Филмот ја доби наградата за најдобар акционен филм и за најдобар филм на годината воопшто.
Роберт Дауни Јуниор со улогата во тој филм, ја освои наградата за најдобар глумец на 2019 година. Најдобра глумица е Зендеја за улогата во „Спајдермен“.
За најдобра комедија е прогласен филмот „Мистериозно убиство“ со Џенифер Анистон и Адам Сендлер во главните улоги. Најдобра Драма е „Потоа“ (After), a најдобар семеен филм е „Аладин“.
Том Холанд со својата насловна улога во „Спајдермен“ е прогласен за акциона ѕвезда. А, Бијонсе за својот удел во „Кралот лав“ – за „анимирана ѕвезда“ на годината.
„Ловци на сенки“ (Shadowhunters) победи во категоријата за најдобро научнофантастично и фантастично шоу за 2019 година.
Најдoбра ТВ-серија, како и драмска серија, според публиката, е „Почудни нешта“ (Sranger Things). Најдoбра хумористична ТВ-серија е „Бубалици“ (The Big Bang Theory).
За најдобро реално шоу е прогласено „Шоуто на Кардашијан“. Клои Кардашијан е ѕвездата од реалните шоуа за 2019 година.
Најдобра песна на годината е „Señorita“ на Шон Мендес и Камила Кабело. Пејач и пејачка на годината се Шон Мендес и Били Ајлиш. Најдобра група е „Блекпинк“.
За најдобар албум, публиката го прогласи „Lover“ на Тејлор Свифт.
Музички видеоспот на годината е оној за „Kill This Love“ на „Блекпинк“, кои како бенд ја имаат и најдобрата турнеја за 2019 година.
Од новите категории, наградата за ѕвезда на социјалните мрежи отиде кај Дејвид Добрик, а за позната ѕвезда на социјалните мрежи – кај Елен Деџенерис.
За „инфлуенсер на убавина“ а социјалните мрежи е прогласен Бретмен Рок.
За подкаст на годината е прогласена емисијата „Scrubbing“ на Бека Тајли и Тања Рад.