Експремиер Владо Бучковски, за кого во неколку наврати беше донесувана пресуда, не се согласува со одлуката на обвинителот да биде прекината постапката поради застареност на делото во аферата „Тенковски делови“, предмет што беше отворен во 2007 година.
Бучковски бара судот да донесе ослободителна пресуда.
– Јас 13 години се борам за правда, а денес обвинителот го преквалификува делото и побара прекин на постапката повикувајќи се на апсолутна застареност. Јас не се согласив и побарав судот да донесе ослободителна пресуда, вели Бучковски.
Тој додава дека не сакал да биде ставен „во ист кош“ со Никола Груевски кому му застарело делото во предметот „Траекторија“, објави порталот СДК.
Бучковски беше обвинет за злоупотреба на службената положба заедно со началникот на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски за злоупотреба на функциите и со нереално барање за набавка на резервни делови за тенковите на АРМ причиниле штета од речиси 150 милиони денари или околу 2,5 милиона евра.