(По повод најновите изјави на Човекот со кацига: „Потписите на историскиот договор во Преспа го заштитија нашиот македонски идентитет за век и векови. Идентитетот наш македонски е зајакнат…“, или „кому му е гајле дали некој ќе не вика Северна Македонија или Јужна Македонија, официјално ние ќе бидеме Северна Македонија. Се што ќе биде државно ќе биде ословувано со новото име. И тоа е дел од договорот и ќе го исполниме…“ )
Во македонската народна традиција има една изрека: „Не тргнувајте по бумбар – ќе завршите во … !“ Парафразирано тоа значи не му верувајте на „човекот со кацига“! Бидете сигурни дека кацигата е празна – ќе завршите во бездна!
Ако не е така немаше да има изјава дека „потписите на историскиот договор во Преспа го заштитија нашиот македонски идентитет за век и векови. Идентитетот наш македонски е зајакнат…“ или „кому му е гајле дали некој ќе не вика Северна Македонија или Јужна Македонија, официјално ние ќе бидеме Северна Македонија. Се што ќе биде државно ќе биде ословувано со новото име. И тоа е дел од договорот и ќе го исполниме…“
По многу векови борба и безочно негирање, Македонија и македонскиот народ сега се пред најдлабоката безда, бездната од која нема враќање!
Во овој миг бијат камбаните за тревога!
Македонија се соочува со најтешката битка во борбата за опстанок!
Македонија во овој клучен момент од нејзиното постоење ја води „бумбар со кацига“ и мушички што го следат!
Македонскиот народ мора да ја земе судбината во свои раце!
Не смее да прифати референдумот за самоуништување!
Не смее да ја стави главата на гилотина!
Македонскиот народ мора да се врати од работ на бездната што ќе го претвори во понорница без утока!
Македонските предавници, во име на сите нас што не нѐ прашаа за мислење, поништија сѐ што е свето за македонскиот народ!
Во Преспа, во престолнината на цар Самоил, се откажаа од сѐ што е македонско само за да ги исполнат барањата на оние што ја поделија Македонија пред 100 години!
Тоа се истите мршојадци што сега се нарекуваат „меѓународен фактор“!
Нив им е сеедно како ќе се викаме и дали ќе постоиме!
Нив им е битно да владеат, манипулираат, понижуваат и експлоатираат без граници и ограничувања!
Македонците мора да го отфрлат срамниот договор потпишан без нивна согласност во нивно име!
Или да ги снема засекогаш!
Мора да се знае, мора да се каже отворено!
Македонските одродници, освен што се откажаа од нашата историја од антиката до денес, со што сакаат да станеме „смачкано племе“ за навек, освен што се откажаа од македонското малцинство во соседните земји и од нашите луѓе во светот, затоа што никој од нив не заминал од Северна Македонија и не може да се идентификува со некаква фиктивна северномакедонска нација, освен што се согласија да ги сменат учебниците и сѐ што е македонско во нив, освен што го понижија својот сопствен народ, сведувајќи нѐ на некаква безлична, модифицирана маса заталкана во лавиринтот на историјата, доброволно ги поништија и сите национални институции во Република Македонија, сите темели на кои се базира македонскиот национален идентитет во единствената македонска држава во светот.
И уште лажат дека со договорот се зацврстува македонскиот национален идентитет! (?!)
Како може да се зацврстува кога не смее да има ниту една институција со македонски предзнак во името!
Според договорот за капитулација македонскиот народ веќе не смее да има ниту една своја македонска институција во државата:
– МНТ станува Народен театар на Република Северна Македонија а вработените актери и сите останати во оваа институција молчат како жаби во тиња!Дали тоа значи дека се согласуваат МНТ да не биде Македонски народен театар! Може ли да го прашаат што мисли Ристо Шишков за тоа? Притоа треба да знаат дека во Скопје во иднина ќе има Албански национален театар и Турски национален театар а ќе нема Македонски национален театар! Ќе ги кренат ли нозете да им стават потковици или ќе крекнат пред да бидат згазени!
– Не реагираат ниту академиците на МАНУ, ( со исклучок на неколкумина осамени патриоти наспроти бунетиот претседател, кој го смени своето мислење по кратка постапка во корист на бумбарот и кацигата), иако добро знаат дека МАНУ ќе се прекрсти во АНУ, АНУС или СМАНУ, сеедно! Можат ли, повеќето од нив, ако не друго тогаш барем клечејќи под сенилното облаче на минатото да се прашаат што мисли за тоа Михајло Апостолски, првиот нивен претседател, или можеби Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски…Дали може во нивно име да ја прекрстат највисоката научно-уметничка институција на македонскиот народ и во нивните биографии дополнително да напишат дека се (биле) членови на АНУС! Дали молчењето значи дека не им пречи што единствени во регионот и пошироко, наместо со идентитетска придавка за национална припадност ќе се индентифукуваат со географска одредница! Може ли уметноста и науката на една нација да бидат сведени на географска придавка, на некаква севернограѓанска институција без национален предзнак!
– МРТ ќе стане СМРТ или РТ на Република Северна Македонија, односно РТРСМ што е смешен акроним за национална телевизија! Може ли некој да замисли ХРТ да се вика РТ на Славонија, Загорје, Далмација и островите (РТСЗМО), или РТС да се прекрсти во РТ на Северно Захумље и Шумадија (РТСЗШ), или пак бугарската БНТ да се преименува во РТ на Северен Доспат и Казанлак (РТСДК! Можеби вработените во МРТ се согласуваат со СМРТ па затоа молчат, што значи дека се согласуваат и со идното понижувачко прекрстување на националната Македонската Радио-телевизија?
Според договорот што го постигна моторџијата што самиот признава дека штом ја стави кацигата тогаш е сам со „својата кацига“, па веројатно нема ништо освен кацига на рамената, Институтот за македонска литература ќе се прекрсти во Институт за литература на Република Северна Македонија а вработените во оваа институција молчат како бумбари во хибернација. Дали тоа значи дека се согласуваат во иднина да немаат ништо заедничко со македонската книжевност како книжевност на македонската нација и на Македонците каде и да живеат? Нема книжевност во светот на која ѝ е забрането да се идентификува со придавка што произлегува од нацијата на која ѝ припаѓа! Како во идната ќе се именуваат антолигиите на македонската проза, поезија, драма и слично? Можеби „Антологија на прозата на Република Северна Македонија“ или „Антологија на северномакедонскиот расказ“! Како во таа книга ќе се објасни присуството на расказ од Ташко Георгиевски, на пример, кој е врвен македонски автор но нема ништо заедничко со Северна Македонија, ниту тематски ниту по своето место на раѓање! Како во извесна „Антологија на севереномакедонскиот есеј“ ќе се сместат есеите на Крсте Петков Мисирков, Стојан Христов, Димитар Влахов, Антон Попов…?
– Дали музичарите од Македонската филхармонија знаат дека веднаш по стапувањето на сила на овој велепредавнички договор нашата македонска филхармонија станува Филхармонија на Република Северна Македонија? Можеби се тешат дека сепак ќе бидат Северномакедонска филхармонија со акроним СФ што асоцира на SF (science fiction)! Бидејќи молчат веројатно се согласуваат!
– Македонската опера и балет мора да стане Опера и Балет на РСМ, односно Опера и Балет на Република Северна Македонија, или ОБРСМ! Вработените молчат како тажните врби во реката пред нив! Патем додуша повремено се слуша дека ги лажат оти над сегашниот бронзен назив „Македонска опера и балет“ ќе се допишело со ситни букви Република Северна Македонија, и тоа ќе било доволно да ги одоброволат Грците кои ќе патролираат по нашите улици за да видат како се реализира договореното. Можеби за побрз увид во состојбите ќе имаат моторизирана помош од лидерската кацига во која би требало да има глава!
– Фактот што ДПМ молчи како да е Друштво на Придворни Мутлаци а не Друштво на Писатели на Македонија бездруго значи дека се согласуваат да бидат Друштво на писатели на Република Северна Македонија – ДПРСМ! Можеби Управата е нова и збунета, но тоа не значи дека не ја знаат изреката за глупавиот и збунетиот! А по таква работа – нема каење! Молчејќи се согласуваат да бидат Друштво на некаква Северна Македонија а тоа значи дека немаат никакви допирни точки со македонската книжевност во целина туку само со книжевноста на Република Северна Македонија! ( Доколку ДПМ стане Друштво на северномакедонски писатели, моето членство автоматски престанува)
– Во овој контекст треба да се знае дека ништо што ќе ја содржи придавката македонски/македонско/македонска не смее да биде публикувано ако е финансирано од државата: не смее да има „Македонска енциклопедија“, не смее да се објави книга со наслов „Македонски роман“, „Македонски расказ“, „Македонска поезија“, „Македонска народна книжевност“, „Македонски народни балади“, „Македонска антологија на краткиот расказ“, „Македонска лирика“, „Македонска библиографија“…
А бумбарите од власта, заедно со своите верни мушички и разни други химери и опсени, упорно тврдат дека „договорот го гарантира и го зајакнува македонскиот идентитет и никој повеќе нема да го оспорува или негира. Македонски јазик, Македонци, македонски, Македонец, Македонка, обезбедено еднаш засекогаш.“
Лажат!
Во договорот не пишува така!
Всушност, кој уште може да му верува на моторџијата ако се знае дека во врска со договорот деновиве тој го изјави следниво:
„Уф, ништо не го заменува моторот! Јас бев многу среќен кога го потпишував договорот, како што сум среќен кога го возам моторот. Кога го возам моторот, јас сум сам со себе. Јас сакам секој час да го поминам со моето семејство, со децата, со сопругата и слично, ама живеам со мајка ми и со татко ми. И тука кога сум дома, некој се јавил, имам замолници, ургенции… На крајот, моторот е прибежиште. Веројатно им правам проблем на полицијата, но се извинувам, сум внимателен сум, почитувам, целото тоа … И тогаш сум сам со својата кацига, буквално на моторот кога возам, дали е тоа по планините или оној по патиштата што го возам. Тоа ми е хоби, тоа некои го сфаќаат лошо, некои добро. Јас сум тој и не бегам јас од тоа…“
И затоа, внимавајте – бумбарот со кацига не е виновен ако тргнете по него кон пропаста!
Бумбарот го следи својот инстинкт!
Сам со својата кацига!
По секоја цена!
Макар и за едно топче што ќе го тркала до врвот на лапешката и назад, мислејќи дека оди напред и само напред, кон иднината на сопственото непостоење!
Скопје, Блаже Миневски,
Петровден, 2018 год. писател