Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде промовиран романот „Виножито зад душата“ од Милан Јазбец, амбасадор на Словенија во нашата земја, кој на македонски јазик го објави издавачката куќа „Магор“.
-Писателот Милан Јазбец со префинет, лирски стил во изразувањето, вешто ги плете боите на виножитото во душата на главниот лик на оваа приказна – стариот и искусен словенечки дипломат, кој е наедно и познат писател, номиниран за Нобелова награда за книжевност. Или, како што ќе рече академик Луан Старова во предговорот на македонското издание на овој роман: „Тој ја сака и ја брани својата татковина далеку од неа, со сета своја интелектуална храброст и моќ, со сета емотивност и култура, со максимален напор да се разбере и сака другиот… Во целиот свој дотогашен живот, главниот лик сите свои искуства и кризи успешно ќе ги надминува со пишувањето, неговиот модус вивенди, и станува и автор на бестселер и добитник на Нобеловата награда…“, соопшти МКЦ.
Книгата ќе ја промовираат Луан Старова и Ермис Лафазаназовски, со музички настап на дуото „Виохарф“: Ерхан Шукри (виолина) и Мерсиха Шукри (келтска харфа).