Милијардерот и поранешен градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, влегува во трката за кандидат за Демократската партија.
Седумдесет и седумгодишниот Блумберг, кој претходно објави дека може да се кандидира за претседател, денеска официјално ја објави својата кандидатура.
„Се кандидирам за да го поразам Доналд Трамп и да ја обновам Америка. Не можеме да си дозволиме уште четири години невнимателни и неетички потези на претседателот Трамп. Многу работи се на „коцка“, мора да ги добиеме овие избори“, рече Блумберг.
Блумберг е еден од 17-те аспиранти од Демократската партија кои се надеваат дека ќе бидат кандидат за претседател на САД.
Според списанието „Форбс“, Блумберг е осми најбогат Американец чие богатство се проценува на 53,4 милијарди долари.
Блумберг направи богатство создавајќи технологија што банкарите и трговците ја користат за пристап до податоците на пазарот.