Обвинителите, истражителите и сите службени лица кои биле дел од злосторничкото здружување на Катица Јанева, мора да бидат суспендирани се до завршување на истрагата за аферата „Кеш“ со чие излегување во јавноста видовме дека преку СЈО биле проневерени милиони евра пари од граѓаните, истакна на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Само на овој начин, само така јавноста ќе има гаранција дека соработниците на Катица Јанева и на Зоран Заев нема да влијаат и да ја попречуваат истрагата за тоа каде и како завршија над 10 милиони евра. СЈО на вработените и на физичките лица за хонорари и по други основи исплатиле над 10 милиони евра, пари од Буџетот на Република Македонија. Анализата на трошењето на СЈО, покажува дека доминираат исплатите од ставката договорни услуги, односно 87% од вкупните расходи на СЈО се по таа ставка, договорни услуги. Анализата покажува дека се оправдани сомненијата дека милиони евра се исплаќани преку СЈО за купување на политичка поддршка на Зоран Заев, особено во моментите кога таа највеќе му требала, а тоа е за време на изборните процеси во Република Македонија, рече Стоилковски.
Тој во продолжение ги посочи аргументите за оправданоста од сомненијата:
– Прво, анализата на исплатите по основ на договорни услуги, покажува дека тие нагло се зголемуваат токму помеѓу третиот и четвртиот квартал од 2016 година, а изборите во Република Македонија се одржаа на 11 декември 2016 година. Оваа динамика на зголемени исплати трае се до третиот квартал од 2017 година, а знаеме дека кога на 29-ти октомври 2017 година беше одржан вториот круг од локалните избори. Ваквата анализа остава простор за огромен сомнеж за причините за исплаќање на парите од СЈО односно за прашањето дали има поврзаност за растот на наплатата за услугите со изборниот процес во 2017 година? Второ, Компаративна анализа на исплатите на физичките лица за третиот квартал од 2016, 2017, 2018 и 2019 година, по основ на договорни услуги од страна на СЈО, оваа компаративна анализа покажува дека истите тие исплати својот врв, својот пик, го доживуваат токму на 30-ти септември 2018 година. Тоа е месецот кога беше спроведен неуспешниот референдум за капитулантскиот договор од Преспа. И повторно, еве го прашањето има ли поврзаност меѓу овој скок на наплатите во период на Референдумот? Трето, Уште една анализа за уште еден квартал. Компаративната анализа на исплатите на физичките лица за четвртиот квартал од 2016, 2017 и 2018 година. Исплатите нагло се зголемуваат во четвртиот квартал од 2018 година, односно во периодот кога беа отворени уставните измени. Тие се отворија на 19-ти октомври 2019 година, или поточно на почетокот од четвртиот квартал од 2018 година. Издатоците потоа растат како што се вршеше промоција на предложените уставни измени во МАНУ и низ Република Македонија. Па дали ова не остава можност за сомнеж, за поврзаност со она што се случуваше во парламентот? Четврто, компаративната анализа за вториот квартал од четирите години постоење на СЈО, ова анализа покажува дека исплатите нагло се зголемуваат во вториот квартал од 2019 година. Тоа е периодот кога се спроведуваа претседателските избори. Особено е забележително во периодот на вториот круг избори има зголемено активност на исплати од СЈО. А, изборите се одржаа на 5-ти мај 2019 година. И повторно се остава огромна скепса можност за сомнеж за поврзаност со ваквиот раст и можеби платената поддршка, за претседателска кампања во поддршка на кандидатот на СДСМ, рече Стоилковски.
Премногу коинциденции, додаде тој, не се коинциденции.
– Ваквите 4 компаративни анализи покажуваат поврзаност со растот на висината на исплатите на договорните услуги кон физички лица, веќе познати на јавноста, со изборните/референдумските, но и другите исклучителни настани во Република Македонија, како што беа уставните измени. Ваквите показатели даваат за огромен простор за огромен сомнеж дека со парите и исплатите од СЈО не само што се вршел притисок врз опозицијата, туку и можеби директно се плаќала поддршката за власта во изборен процес. Одговорност за овој криминал мора да има. Соработниците на Јанева и на Заев добро ги знаеле законите и свесно влегле во проневерувањето буџетските пари. Никој не е над законот па ни Зоран Заев, рече Стоилковски
Тој во продолжение одговори на неколку новинарски прашања:
Прашање: Дали очекувате обвинителството за организиран криминал и корупција имаше нели увид во трошењето кое беше во СЈО, да провери како се потрошени тие пари? Дали очекувате од нив да се отвори некоја постапка?
Одговор: Па јас сметам дека една ваква компаративна анализа апсолутно покажува поврзаност помеѓу процесите кои што се одвиваа во Република Македонија, особено во изборните процеси и зголемената исплата на пари кон определени физички лица кои што се добро познати како поддржувачи на политиките на Зоран Заев и оние кои што влегуваа во кампања на СДСМ во тие процеси.
Прашање: Функционери на власта се уште продолжуваат да кажуваат дека доколку има потреба заради НАТО можат да се одложат изборите, ова вчера го кажа и министерката Шекеринска. Што доколку власта одлучи да ги одложи изборите? Дали имате конкретни чекори кои што би ги презеле?
Одговор: Па не верувам дека власта сама може да одлучи да ги одложи изборите. Секако тоа е се можно со власта на Зоран Заев, меѓутоа од друга страна тоа само ја покажува паниката, стравот и она што значи реалност во нивните сознанија каква е состојбата и дека изборите ќе ги изгубат и тоа со огромно мнозинство. Ќе ја искористам оваа прилика да кажам и еден став кој што го имаме по однос на што се случуваше со уставниот суд и едно од прашањата, веројатно имаше и некој од вас. Ќе искористам и оваа прилика да го кажам ставот на ВМРО-ДПМНЕ по однос на отворањето на прашањето за амнестиите во Уставниот суд. Почитувани, криминалецот размислува криминално. Тој што избегал од правдата на нечесен начин, со измама и со тоа дошол на власт, на ист начин, шверцерски повторно ќе се обиде да ги измами граѓаните. Тоа е суштината на овој театар што го сервира деновиве Уставниот суд со темпирано отворање на иницијативата за разгледување на уставноста на член 11-а од Законот за помилување. Стотици иницијативи за многу посуштински закони кои што имаат огромно влијание на секојдневното живеење на граѓаните во Република Македонија со години се чуваат во фиока, но Уставниот суд одлучи дека токму оваа иницијатива, после цели три ипол години добива приоритет и треба да добие приоритет баш во ова време. Гледаме дека дури и самиот подносител на оваа иницијатива е зачуден како уставните судии одлучиле да ја земат да работат токму оваа иницијатива, токму во овој момент, иако самиот вели дека во исто време поднел пет иницијативи. Јасна е намерата, провидни се целите. Наместо да се говори за аферата „Кеш“, наместо да се бара одговорност и завршување на истрагата, јавноста сега треба да се занимава со стари иницијативи и да разговара за амнестиите и аболициите. Наместо будно да се следат малверзациите за случајот „Рекет“ кој наскоро влегува во судска процедура, јавноста повторно треба да се занимава со одлуките на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов. Наместо да се отвораат актуелните криминали на Зоран Заев и на власта за „Рекет 2“, набавката на хеликоптери, крвавите тендери на Венко Филипче, и десетици други криминални скандали, граѓаните треба да се враќаат четири години назад и да не гледаат како во моментов се ограбувани и граѓаните и буџетот. Политичката намера е премногу јасна. Одлуката на Уставниот суд да ја отвори иницијативата во овој момент е политичка, а не е правна. Јасен е и нарачaтелот кој што може да стои зад оваа одлука. Само на политичар кој што е аболициран за тежок криминал, може да му текне да ја злоупотреби аболицијата во овој момент. ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против амнестии и против аболиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи амнестии и аболиции. Доколку Заев продолжи со неговиот план и ги разгневи граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нив на протести.
Прашање: СДСМ поднесе до собранието предлог за автентично толкување во членот 11 и пратеникот Костадин Костадинов ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат. Ќе се вклучат?
Одговор: Театарот што го создава СДСМ е добро познат на јавноста, сега треба да разговараме за нешто што поминало пред 4 години, зошто не се поведе да се испита да речеме до каде е случајот, до каде се истрагите во обвинителството за сите оние криминалии којшто се поднесени обвиненија од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од страна на граѓаните за актуелни случаи. Зошто не се поведе да се види до каде е случајот „Рекет 2“ во обвинителството, до каде е „крвави тендери“, до каде е „изборниот поткуп“, до каде се сите оние поднесоци, до каде е „Леонардо“, до каде е „Тополки“, до каде е ДКСК со истрагата за Глобал којшто сама го отвори за Зоран Заев. Не, треба да се зборува за нешто што можеби повторно треба да се навраќа на аболиции, на нешто што се случило пред 4 години, а не за актуелната пљачка што се врши овој грабеж што се врши на буџетот на Република Македонија.
Прашање: Во врска со оваа нова афера којашто ја презентиравте, имате документи, докази коишто ги поднеле до обвинителството?
Одговор: Секако дека доколку ЈО не повлече само дека ВМРО-ДПМНЕ ги поднесува иницијативите до обвинителството, оттаму нема никаква реакција за сите оние поднесоци што се од страна на опозицијата, иако тоа е дел од работата и од надлежноста на ЈО да повлекува по допрен глас, по прес конференција да отвара истраги.
Прашање: Конкретни имиња за техничка влада?
Одговор: Се уште нема.