Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со грчкиот претседател Прокопис Павлпулос во Атина изјави дека на средбата е разговарано и за подобрувањето на транспортните врски меѓу двете држави во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“, за што имал и телефонски разговор со премиерот Зоран Заев.

– Пред неколку дена разговарав со премиерот на С. Македонија, Зоран Зајев и тој кажа дека неговата земја е подготвена да се приклучи на иницијативата, рече Вучиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој на новинарите по средбата им посочи дека Грција има одлична пруга од Атина до Солун, но дека останал дел од Солун до Македонија.

-Железничката пруга низ С. Македонија е еднонасочна, тоа би требало да се промени. Мораме да промениме сè и да изградиме сè и подготвени сме да влеземе во тој аранжман во рамките на  „Појас и пат“. Разговаравме со нашите грчки пријатели затоа што мислиме дека тие со ова би добиеле многу поголем број на туристи, изјави Вучиќ.

Изградбата на брзата пруга, како што наведе, од Белград до Ниш со возови што одат 200 километри на час, потоа од Ниш до границата со Македонија, каде одат од 120 до 160 километри на час, би значело побрзо да се стигне до Халкидики и Солун.

-Да не спомнувам колку е важно ова за товарниот сообраќај и колку може да се извезе од пристаништето Пиреја до Белград, Будимпешта и Виена во цела Централна Европа. Мора тоа да го сториме заради нашиот инвестициски план, кој планираме да го претставиме и предложиме, изјави српскиот претседател, а за ова тема, како што најави ќе разговаара и утре со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

На прашањето како Атина ја гледа иницијативата „мал Шенген“ со Македонија и Албанија, Вучиќ кажа дека „не мисли дека Грција се меша во тоа, затоа што тој пазар е мал за нив“.

-За нив тоа е премалку, тие имаат поголеми цели, но можат да покажат почит и јас им се заблагодарувам за тоа, рече Вучиќ.

Во врска со кинеското влијание во регионот, Вучиќ кажа дека „ако за никого не е проблем тоа што во Хрватска, земја членка на ЕУ, Кинезите го градат мостот „Пељешац“, зошто е проблем кога Кинезите работат и градат во Србија“, прашал српскиот претседател, откако разговарал со неговиот грчки колега Павлопулос, чиј принцип на почитување на меѓународното право и националните интереси, го разбира целосно, додавајќи  дека „никогаш не се случило во Србија да се добијат европски пари, па Кинезите да градат, како што беше случај со мостот „Пељешац“ во Хрватска.

Говорејќи за односите со Грција, Вучиќ рече дека Грците и Србите традиционално се сакаат меѓусебно, но сега треба да се стори повеќе за да се подобри соработката, како и дека Белград ќе ја има грчката подршка на патот на евроинтеграциите.