Ако вработените во компнијата „ВиВорк“ (WeWork), сакаат да јадат хамбургер додека се на работа, него мора да го платат од сопствен џеб. Компанијата нема повеќе да им исплаќа надоместоци на вработените за оброци кои вклучуваат црвено, пилешко или свинско месо и ќе престане да служи месо на корпоративните настани.
Преку официјален и-мејл „ВиВорк“ во петокот ги извести сите 6.000 вработени дека нема повеќе да добиваат паричен надоместок за оброк кој вклучува каков било вид на месо. Дополнително, компанијата ќе престане да служи месо на своите корпоративни настани.
Како што пренесува Бизнис Инсајдер, со ваквиот потег компанијата има за цел да ја намали емисијата на јаглерод диоксид.
Коосновачот на „ВиВорк“, Мигел Мекилви во мејлот наведува дека ваквиот потег е резултат на напорот да се намали емисијата на јаглерод диоксид и дека со ваквата политика до 2023 година ќе се намали неговата емисија за 200 милиони килограми, ќе се заштедат 63 милијарди литри вода и над 15,5 милиони животни ќе останат живи.
Најновите истражувања покажуваат дека избегнувањето на месото во исхраната е една од најзначајните работи којашто поединец може да ја направи за да го спречи својот загадувачки импакт врз животната средина, позначајно дури и од тоа да го замени својот стар автомобил со хибриден, вели Мекилви во известувањето.
„ВиВорк“ е компанија, која обезбедува коворкинг простор на компании ширум светот. Компанијата има 270 канцеларии и оваа одлука ќе важи во секоја од нив.