Македонската фудбалска репрезентација ќе го пречека соседно Косово во полуфиналето во плејофот за пласман на Евро 2020 преку плејофот во Лигата на нации на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, што и не е изненадување зашто од поодамна беше јасно дека високоризичниот меч и еден од историските за нашата селекција ќе се игра на најголемиот стадион во земјава.
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска на состанокот и конечно потврди дека пресметката на Македонија и Косово ќе се игра на Арената. Мечот е закажан за на 26 март од 20.45 часот, а победникот од овој полуфинален дуел ќе оди на гостување во Грузија или Белорусија, во зависност од тоа кој ќе победи во второто полуфинале за завршната пресметка за виза и историски настап на континенталниот шампионат.
После оваа одлука, ФФМ само формално сега со допис ќе ја извести УЕФА дека скопската убавица ќе биде домаќин, а на неа ќе биде инсталиран ситемот ВАР, откако УЕФА веќе претходно најави дека видео-технологијата ќе се користи за завршните мечеви во овие евроквалификации, но и ќе се користи за мундијалските квалификации во 2021 година, што беше најава дека Арената сигурно ќе биде домаќин на мечот.