Веста со којашто пред неколку дена полицијата се пофали дека уапсила битолчанец под сомнение дека е вмешан во фингирано киднапирање и изнуда, е промашена „акција“ на МВР, бидејќи уапсениот всушност бил жртвата, неофицијално дознава Нетпрес, од полициски извори.

Приказната на жртвата, за полициските службеници не била веродостојна, па случајот е решен „експресно“, по што следуваше и официјална информација од МВР до медиумите.

Но, откако битолското обвинителство ја увидува грешката на „успешната“ полициска акција, вчера се уапсени вистинските грабнувачи, но сега официјално соопштение за пропустот од МВР нема.

За појаснување, на 15 декември, во медимите беше објавено дека Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и СВР Скопје, околу 19 часот на улица „Шуто Оризари“ го уапсиле М.К. (29) од Битола поради основано сомнение дека е инволвиран во фингирано извршување на кривични дела грабнување и изнуда. Имено, на 14 декември, Б.К., татко на М.К., во СВР Битола пријавил грабнување и изнуда при што жртва е неговиот син. Но, случајот се расчистува во насока дека станува збор за фингиран настан, во кој покрај М.К. се инволвирани уште неколку лица, со кои М.К. бил во претходен договор со цел да изнудат пари од родителите.

Киднаперите барале парите за откуп, родителите да ги стават во автомобилот сопственост на таткото на жртвата, а со којшто бил грабнат неговот син. Полицијата била информирана за тоа. Но, грабнувачите, наместо тие, ја испратиле жртвата да ги земе парите од автомобилот и да им ги донесе. Во моментот кога момчето ги зема парите, полицијата го апси, и го решава случајот во сосема погрешен правец.

По неколку дена, сепак, има пресврт во истрагата, и за случајов се уапсени тројца од повеќечлената група на киднапери, лица од Скопје и Битола.

Во оваа насока е и денешното соопштение од битолското обвинителство, во кое се посочува дека три лица се под истрага за изнуда.

„Осомничените, во периодот од 13.12.2019 до 15.12.2019, заедно договорени, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, со употреба на сила спрема едно лице од Битола ги присилиле неговите родители да им дадат паричен износ од 1600 евра.

Тие го држеле оштетениот затворен во стан во скопската општина Аеродром, го тепале со тупаници и предмети по главата и телото, го сечеле со жилет по грбот, па потоа му турале сол и парфем на раните.

Откако телесно го повредиле тие воспоставиле најпрво телефонска комуникација од телефонот на оштетениот, а потоа и видео повик со родителите и побарале од нив износ од 40.000 евра во замена за ослободувањето на нивниот син.

По неколкучасовни преговори, се согласиле мајката да им донесе првичен износ од 1.600 евра како дел од вкупниот износ од 40.000 евра кои ги барале. Согласно добиените инструкции, мајката парите ги донела во Скопје и ги оставила во возилото на нејзиниот син, марка Алфа Ромео, паркирано во Шуто Оризари.

Надлежниот јавен обвинител, со оглед на тоа што процени дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд Битола достави и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени. Предлогот беше прифатен и судот со решение им определи притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на битолското обвинителство.

Нашите извори велат дека полициската акцијата ја раководел Лазе Велковски, кој лани беше сменет од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, поради скандалот со службено возило на МВР. Велковски сега е началник на Одделот за борба против организиран криминал.

ИЗВОР: НЕТПРЕС