Русија и Украина ги усогласија конечните детали од договорот за продолжување на испораките на рускиот гас низ украинската територија на европските пазари, соопштија денеска официјални лица на двете држави.
Актуелниот договор за поминување гас преку украинската територија ќе истече на 31 декември и предизвика загриженост дека непостигнувањето успех за новиот договор ќе го прекине снабдувањето со гас за Европа.
Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека деталите ќе бидат објавени денеска, додека рускиот вицепремиер Дмитриј Козак изјави дека очекува новиот договор да биде потпишан до крајот на годината.
Русија и Украина, со посредство на Европската комисија, постигнаа нацрт-договор за транзит на гас на состанокот во Берлин во четвртокот.
Трилатералните разговори за гас меѓу Русија, Украина и ЕК во Берлин траеја повеќе од шест часа, а детали за нацрт-договорот не беа објавени.
Сепак, рускиот министер за енергетика Александар Новак рече дека трите страни разговарале за конкретни количини и услови за договор за транзит на руски гас преку Украина.