Ливерпул и Фламенго попладнево во Доха ќе играат во финалето на Светското клупско првенство во фудбал, а кој и да триумфира, првпат ќе се закити со трофејот, откако овој настан се игра по сегашниот формат.

Англискиот тим ја брани честа на европскиот фудбал, Бразилците се адутот на Јужна Америка, а овие клубови еден против друг беа во битка за светска титула и во 1981 година. Тогаш победи Фламенго со 3:0. Ливерпул во минатото трипати играше во Интерконтиненталниот куп, но никогаш не го освои.

И тренерот Јирген Клоп има лична мотивација, досега ниту еден германски тренер не го освоил ова натпреварување. Но, тој ги нема сите играчи на располагање, не се знае ниту дали ќе игра Вирџил Ван Дајк. Во Европа, многу позначајна е титулата во Лигата на шампионите, а во Јужна Америка и оваа титула таканаречен светски првак им е важна и секогаш даваат максимум.