Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира капитални инвестиции за развој во вредност од не помалку од две милијарди евра и во својот мандат ќе испорача проекти во вредност не помала од четири милијарди евра преку странски и домашни инвестиции, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот партиски собир „Обновата доаѓа“ во Скопје.
-Тоа јас ви го ветувам и се обврзувам на реализирани осмислени и испорачани проекти за економија со брз раст, рече Мицкоски и додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи една милијарда евра за заштита на животната средина.
Не можам да ви ветам, посочи, дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух, тоа е невозможно, но можам да ви ветам најмалку 50 отсто почист амбиентален воздух за македонските граѓани.
-ВМРО-ДПМНЕ победува, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи заедно, силно и обединето. Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе. Тоа значи еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на народот, доаѓа за три ипол месеци од денес, порача Мицкоски.
Ги издржавме, кажа, три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три ипол месеци.
-Одговорот следи на 12 април. Следи громогласно ехо на народот, силен татнеж на обесправените, осиромашените, на измачениот народ, на оној чиј образ пробаа да го извалкаат, чие достоинство го тргуваа, чија кичма ја виткаа како да е нивната. Излегува македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои се креваат, а Македонецот кога бил сложен и обединет поместувал планини. Така ќе биде и овој пат, потенцира Мицкоски.
Денот на изборите на 12 април го оцени како денот на одговорот, македонски референдум и ден „Д“ кога народот одлучува.
-Таа одлука значи само едно, победа на Македонија, заедничка, силна, исправена победа, порача тој.
Мицкоски потенцираше дека е сигурен во победата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори, не само поради резултатите на анкетите, туку бидејќи го познава народот и верува во него.
-Сигурен сум затоа што си го знам мојот народ, верувам во мојот народ и знам што сака тој. Мојот народ е горд и достоинствен, со крената глава и големо срце. А тоа го видов и изминатите три ипол месеци, време кога поминав 12.000 километри низ нашата Македонија, низ нашите градови и села, низ улиците, плоштадите, булеварите, заедно со комитетите. Видов илјадници луѓе, сите заедно слушнавме неколку десетици илјади проблеми во рамките на разговорите за „Обнова на Македонија“, рече Мицкоски.
Проблемите, порача, немаат ниту вера ниту нација, тие се заеднички затоа што и тешкиот живот е заеднички.
Вети инвестиции во образованието од не помалку од една милијарда евра, најмалу еден универзитет на Шангајската листа, нови болници и амбуланти и инвестиции во медицинскиот кадар во вредност од две милијарди евра, специјален пакет за земјодлците и редовна исплата на субвенциите, а не еднаш годишно како што се прави сега,…. Сето тоа како што кажа, е за младите да останат тука.