По кратко боледување денеска во Скопје почина Ѓорѓи Доцев Банев, суден поради идеите за самостојна и независна Македонија, за што одлежал повеќе години в затвор.
Пеколот што го преживеал во затворите во Македонија и во бивша Југославија ќе остане сведоштво за едно време и режим во кој биле следени, репресирани, затворани сите оние што се залагале за самостојна македонска држава.
Пред неколку години, професорката Виолета Ачкоска објави книга насловена како „Демнеечки дух“ во која се соддржани документи од досиејата кои службите ги воделе против Доцев.
Полициското досие, кое најчесто било водено по презимето Ордев, е собирано долги години. Содржи 1.508 страници, во кои се појавуваат имињата на најмалку 74 соработници на полициските служби.
Ѓорѓи Доцев е роден во Свети Николе каде завршил основно образование, а школувањето го продолжил во учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип, каде што се приклучил на организацијата ВМРО – ПРАВДА.
И токму поради членството и активноста во организацијата ВМРО-ПРАВДА бил осуден во 1950, и тоа како 18-годишен ученик. Во затвор поминал две години. Втората затворска казна ја издржувал во периодот 1972-1975, за учество во бомбашките напади на грчкиот конзулат и киосците на „Политика“ во Скопје.
До пред некое време, Ѓорѓи Доцев Банев беше Претседател на Унијата на ветерани и член на извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ а во последните неколку години од својот живот беше активен и во здруженијата на политички затвореници судени за идеите на Македонија.
Погребот ќе биде извршен утре (сабота) на 28 декември 2019 година година, а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата на Градските гробишта Бутел од 11:30 до 12:30 часот.