Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер беше многу задоволен од победата од 2:0 синоќа над Барнли и особено од „сувата“ мрежа.
Последниот натпревар без гол на „црвените ѓаволи“ беше против Лестер во септември. Затоа менторот ги пофали своите дефанзивци и голманот Давид Де Хеа.
– Во првото полувреме ги поставивме темелите за да можеме да излеземе и да се одбраниме во второто полувреме. И во одбрана бевме брилијантни. Хари Мегваер и Виктор Линделоф беа брилијантни против двајца одлични напаѓачи како Крис Вуд и Ешли Барнс. Ниту еден централен дефанзивец не би сакал да застане против нив. Бековите беа исто така многу, многу агресивни во стопирањето на центар-шутевите, а кога ги имаше, Хари и Виктор беа неверојатни. Особено Хари имаше неколку клучни интервенции на крајот. Де Хеа е среќен со „сувата мрежа“. Ни требаше бидејќи не сме постигнале такво нешто од септември. Ова беше важно за Давид, Хари и Вик. Знаеме дека не можеме секогаш да играме фантастичен фудбал и да постигнеме четири до пет гола. Во последно време многу бележиме, но исто така примаме многу голови. Кога нема да примите гол, тогаш вашите шанси за победа се поголеми, вели Солскјер.