Актуелната хрватска претседателка и кандидатка за втор мандат Колинда Грабар-Китаровиќ на крајот од телевизиското гостување на Н1 по грешка ги повика избирачите да гласаат за број 1 на гласачкото ливче, кој му припаѓа на нејзиниот противкандидат Зоран Милановиќ.

– Драги избирачи, ве повикувам да излезете на изборите на 5 јануари и да го дадете гласот за Хрватска која продолжува со процесот на раст и развој, за Хрватска која знае и може подобро. Хрватска која е горда на своите вредности, која нема комплекс на пониска вредност во светот, туку е рамноправен соговорник. Ве повикувам на гласачкото ливче да го заокружите бројот 1, Колинда Грабар-Китаровиќ, изјави таа на загрепската Н1 телевизија.

Китаровиќ гостуваше на телевизијата во рамки на дебатата, која не се одржа бидејќи Милановиќ не се појави.

Членот на Државната изборна комисија, Дражен Хојски објасни дека во вториот круг местата на кандидатите не се одредени по азбучен ред, туку според бројот на гласовите. Имајќи предвид дека во првиот круг Зоран Милановиќ освои повеќе гласови од Китаровиќ, тој е под број 1 на гласачкото ливче за вториот круг.