Во тек се новогодишните и божиќните празници, а неминовен дел од нив се и новогодишната елка и новогодишните светилки со кои го украсуваме домот.
Во продавниците може да се најдат светилки за сечиј вкус – мали, големи, шарени, бели, ЛЕД-светилки…… Има и поевтини и поскапи. Изборот е голем, но сепак при купувањето треба да се внимава бидејќи неквалитетните светилки се потенцијална опасност, која може да има далекусежни последици.
Неретко се случува неисправните новогодишни светилки што ги оставаме да светат во текот на ноќта или кога не сме дома, да бидат причина за настанување пожари. За жал, еден таков случај имавме лани во стан во Ѓорче Петров, кога од неисправни светилки беше предизвикан пожар и се задуши една жена.
– Како секаде, така и кај нас, новогодишната елка е декор што ни го разубавува просторот и ги одбележува новогодишните празници во домовите, канцелариите и други простори, но знаеме да ја украсиме елката и со светилки со сомнително потекло и со неисправни кабли и со тоа дополнително да ја зголемиме опасноста од настанување пожар. Честопати елката се остава да свети цело време, дури и кога не сме во домот или просторијата каде што е ставена, вели командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски во изјава за МИА.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат до граѓаните да внимаваат какви сијалички купуваат, односно секогаш да проверуваат дали имаат сертификат за безбедност.
– Организацијата на потрошувачи на Македонија секоја година апелира граѓаните да внимаваат на светилките што ги користат на елките. Да ги проверуваат добро старите светилки што ги имаат во домот, но и кога купуваат нови, да проверат дали тие се сертифицирани, дали ја имаат Ц ознаката, истакнува претседателката на Организацијата на потрошувачи Маријана Лончар-Велкова.
Таа вели дека е потребна поголема едукација на граѓаните со цел тие да бидат подобро информирани, но и да ги знаат нивните права. Истовремено, надлежните инспектори треба да го истражат пазарот на кој може да се најдат и квалитетни и неквалитетни светилки.
Препораките до граѓаните се секогаш да ги исклучуваат светилките кога излегуваат од домот и да не ги оставаат да светат цела ноќ.
– Најдобри совети се да не заспиваме со запалени светилки и да внимаваме какви светилки купуваме. Сега е тренд да се украсуваат домовите и навистина треба да се внимава. Доволна е мала искра за да дојде до несакани последици, вели Лончар.
Билјана Анастасова – Костиќ за МИА