Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска на прес-конференција во Министерството за финансии изрази разочарување од, како што рече, опструкциите на нејзината работа во Министерството.
– Вчера бевме сведоци на еден немил настан каде од Кабинетот на министерката (Нина Ангеловска) беше испратен допис до сите вработени, во кој се укажува дека на секое мое барање што ќе биде упатено до кој било раководител на сектор или државен советник нема да ми одговараат директно, односно одговорите прво ќе се праќаат до кабинетот на министерката, а подоцна до мене, рече таа.
Како што посочи Димитриеска Кочоска, согласно членот 49 од Законот за влада, јасно е укажано кои се должностите на дополнителниот заменик министер, и оти тој има непречено право да ги гледа документите и извештаите што ги добива и министерката за финансии, и вработените се должни да ги доставуваат документите на барање на дополнителниот заменик министер, оценувајќи дека оваа Влада и натаму останува нетранспарентна.
– Вчера остварив контакт со министерката и таа во медиумите се произнесе дека постоеле одредени процедури во Министерството и ќе комуницираме врз основа на тие процедури. Процедурите се прават кога оди некоја информација од одобрил-изгтовил, не барам да добивам податоци за нешто што е во тек, туку готови информации, што не се во рамки на процедури, рече Димитриеска Кочоска.
Таа смета дека целта на ова е „криење и извртување на податоците“, посочувајќи пример со данокот за добивка.
– Данокот за добивка е најдобар пример во последниот период за тоа какви ситуации имаме во економијата. Согласно реализацијата на данокот на добивка имаме 24,5 проценти пад на данокот на добивка во однос на планираниот. Односно 21,7 проценти имаме помала оствареност во однос на 2018 година. Тоа јасно кажува во каква состојба е еконмијата, односно дека стагнира, рече таа.
Димитриеска Кочоска оцени дека имало грешка во планирањето на Буџетот за 2019 година, што не била корегирана со ребалансот во август.
– Ова укажува дека Владата не се грижи за бизнисот. Товарот од целокупната активност е токму врз бизнисмените. А падот на данокот на добивка укажува дека само тие добиваат дополнителен терет и она што требаше да биде двигател во економијата е комплетно уништено. Загрижувачки е дека кога имате неостварување на нешто што сте го планирале, а сразмерно на планот вие сте имале планирани трошоци, сега тој јаз меѓу планот и реализацијата треба некако да биде надополнет. Е тука влегуваат тие задолжувања и тоа е најголемото загрижување за мене. Тој дел мора да се исправи, планирањата мора да бидат соодветни реални и да се слуша бизнис заедницата, оцени Димитриеска Кочоска.
Таа рече дека нејзиниот Кабинет се уште не е комплетиран, во него дел се надворешни луѓе, а дел се од Министерството.