Проширувањето на Европската Унија и отворањето на преговори за членство на Македонија беше една од темите на состанокот на хрватската Влада и Европската комисија.
Како што јави дописникот на МИА од Загреб, на прес – конференцијата по состанокот претседателката на Европскта комисија Урсула фон дер Лајен, изјави дека за Унијата е многу значајна соработката со Западен Балкан, а со тоа очекува и позитивни придвижувања во насока на отворањето преговори со Македонија и Албанија.
– Мораме да најдеме начин паралелно да се одвиваат преговорите со С. Македонија и Албанија и внатрешните реформи во Европската Унија. Набрзо ќе биде објавен новиот предлог за методологијата на преговори за членство во ЕУ, изјави фон Дер Лајен.
Од своја страна и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кажа дека отворањето преговори со Македонија ќе биде многу високо во приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ. Во таа насока тој најави дека во Загреб ќе бидат поканети лидерите на земјите од Западен Балкан со цел да се афирмира европската перспектива на овие држави.
Инаку, теми на состанокот се актуелните состојби во Унијата, Брегзит, европските „зелени проекти” и Шенген.