Четириесет и пет домашни компании ја искористија можноста да аплицираат преку новововедената скратена „Fast track“ постапка на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој на ФИТР.
Компаниите од Фондот побаруваат 2 милиони и 750 илјади евра, што е речиси 92 отсто од вкупниот буџет наменет за овој повик во рамките на скратената постапка кој изнесува три милиони евра. Вкупниот обем на инвестиции е 8,8 милиони евра од кои над 6 милиони се инвестиции на самите компании, со оглед на фактот дека со овој повик Владата обезбедува до 30 проценти, а останатите 70 отсто се влог на компаниите.
Најголем дел од компаниите апликанти се мали (24) и микро (17) претпријатија, додека останатите се средни (4). За потребите на инвестициите за микро претпријатија и микро ПЗУ финансирањето изнесува максимален износ од пет милиони денари, додека за мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи ќе биде овозможено финансирање во максимален износ од 10 милиони денари.
Компаниите апликанти се речиси од целата земја, меѓу кои во најголем дел од Скопје, Штип, Велес, Охрид, Крушево, Тетово и Гостивар. Нивните проекти со кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој се од 15 области од кои доминантно во секторот, трговија и продажба, како и маркетинг, земјоделие, градежништво, енергетика, угостителство и медицина.
Според Правилникот за аплицирање по скратена постапка овие проекти одат директно во фазата на финална селекција во која крајната одлука ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции. Комитетот ќе заседава кон крајот на јануари, а ова ќе биде прва седница на Комитетот во нов состав, со новоизбраните членови Ноел Грегор Патерсон Џорџ од Велика Британија и Вибху Шарма од Холандија. Двајцата се експерти од областа на иновации и нови технологии. Тие се именувани од Владата на Република Македонија, а се избрани на јавен меѓународен оглас кој беше распишан во септември 2019 поради истекот на двогодишниот мандат на двајца од вкупно пет членови на Комитетот. Во постапката за избор на членовите на КОИ, по иницијатива на Фондот, за првпат беа вклучени и претставници на стопанските комори.
Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат според пет категории: технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот.
Инаку, Фондот ја вовде скратената постапка со цел олеснета процедура за апликантите кои ја поминале фазата на административна проверка и претселекција, но не биле избрани за кофинансирање. Од овој повик, па во иднина овие апликанти можат повторно да аплицираат на јавен повик со истиот, односно подобрен предлог проект, со што се намалуваат и трошоците за компаниите, но и на Фондот, а значително се намалува времето од аплицирање до конечната одлука на Комитетот.
Јавниот повик по скратена постапка беше отворен од 13 до 27 декември,2019 година. Повикот за кофинансирани грантови за технолошки развој по редовна постапка останува и понатаму отворен до 05 февруари 2020 година.