Либиските сили лојални на генералот Калифа Хафтар соопштија дека од полноќ стапи во сила прекинот на огнот во западниот дел на земјата, во кој е вклучен и главниот град Триполи.
Портпаролот на Либиската национална армија Ахмад Мисмари наведе дека нивните сили го прифаќаат примирјето на западот од земјата под услов и втората страна да се придржува кон него, пренесоа британските медиуми.
Тој предупреди дека какво било прекршување на примријето ќе наиде на жесток одговор од нивна страна.
Либија во моментов има две извршни власти – меѓународно признатата Влада на национално единство на премиерот Фајез ал-Сараџ во Триполи и привремената влада на Абдулах ал-Тани на истокот од земјата, која е поддржана од Либиската национална армија на генералот Хафтар.
Борбите околу Триполи ескалираа во последните неколку недели откако Хафтар објави дека тргнува во конечна битка за престолнината.