Правилото дека колку нешто повеќе му браниш на народот, толку ефектот е спротивен, се покажува и во кичевското село Белица, каде спроти православниот празник Водици, кој има голема традиција во овој регион, се развеа старото македонско знаме со Сонцето од Кутлеш.

– Денеска пред големите водичарски празници насекаде низ селото се поставија македонските знамиња. Скоро во секое маало и пред голем број куќи. Нека е напомош и вечно да се слават македонските православни празници. Да живее Белица и Републиката Македонија!- порачаа беличани на Фејсбук.

Ова кичевско село е редок пример во Македонија, во период кога другите села и градчиња се испустуваат, тука одново да се раѓа нов живот. Се градат многу нови куќи и се враќаат сложните беличани на своите корења.

Владата на бившиот премиер Зоран Заев го бришеше овој симбол и од капаците на шахтите во повеќе градови во Македонија, но народот го сака и го издига високо, каков што е примерот во Белица и повеќе други места низ Македонија.

(Д.Г.)