Оваа техничка влада не е формирана за некој да има повеќе или помалку политички кредибилитет или легитимитет, туку едноставно сите заедно да се вградиме во институциите и на крајот сите заедно да гарантираме дека низ една фер демократска атмосфера на граѓаните ќе им дадеме можност слободно да одлучуваат за тоа во кој пат ќе се движи државата во следниот период, вели премиерот Оливер Спасовски во интервју за МИА.

Според него, сегашната техничка влада значително се разликува од онаа во 2016 година, која имаше цел да ја подослободи атмосферата во државата со цел граѓаните да можат да донесат слободна одлука на изборите, додека сега, кога државата е демократска со слободни демократски институции, новиот преоден владин кабинет работи на сите стратегиски приоритети на земјата и да обезбеди фер и демократски избори.

Господине премиер, концептот техничка влада беше замислен како идеја за спроведување на изборите. Колку овој концепт придонесува за демократизација на општеството?

Видете, секој концепт, секоја шанса да се сработи нешто заедно што ќе биде во интерес на граѓаните е вреден и тој мора да се почитува. Иако околностите во кои се формира оваа техничка влада визави претходната техничка влада не се исти. Пред сè, техничката влада во 2016 година, односно формирана 2015, па сè до одржувањето на изборите во 2016 година, беше пред сè за да обезбеди фер и демократски избори, да ја подослободи атмосферата во државата, сè со цел граѓаните да можат да донесат слободна одлука, зашто вистинска одлука што ќе значи влог во иднината на државата е таа што ќе ја донесат граѓаните слободно и без никакви притисоци. Ние во тој момент имавме еден режим што опстојуваше 11 години во државата и мораше да се формира техничката влада. Меѓутоа, со демократизација на општеството, со создавање на РС Македонија како слободна држава, демократска држава со слободни демократски институции, ние сметаме дека формирањето и на оваа техничка влада во овој момент е навистина вредна, како концепт и сите заедно треба да придонесеме во два правци. Прво, да продолжат сите стратегиски приоритети на државата да се обезбеди непречено нашето членство на НАТО, да направиме сè за да ги започнеме преговорите со ЕУ, да имаме функционални институции, да можат граѓаните да ги добиваат сите услуги навремено, да продолжат сите проекти што беа започнати и да имаме фер и демократски избори. Тоа се приоритети што мора да бидат врвни приоритети на оваа влада.

Во јавноста сепак преовладува впечатокот дека не функционира таа соработка меѓу власта и опозицијата, туку техничката влада сепак прерасна во инструмент за меѓусебни препукувања и предизборна кампања, дури и форма на паралелизам. Дали вашиот апел од прес-конференцијата во вторникот беше всушност во контекст на намалување на стравувањата на граѓаните од овие појави?

Тоа што сакав да им го соопштам на граѓаните е дека навистина оваа влада функционира нормално, дека сите институции функционираат нормално, меѓутоа и да упатам порака до политичките субјекти. Едно е вие да имате состојба да сакате да добивате политички поени, но тоа да не го правите на сметка на грбот на државата, на сметка на граѓаните, на остварувањето на нашите национални интереси. Едноставно политиката нека биде борба на концепти што ќе ги понудат политичките партии. Оваа влада не е формирана за некој да има повеќе или помалку политички кредибилитет или легитимитет, туку едноставно сите заедно да се вградиме во институциите и на крајот сите заедно да гарантираме дека низ една фер демократска атмосфера на граѓаните ќе им дадеме можност слободно да одлучуваат за тоа во кој пат ќе се движи државата во следниот период и тоа е основна обврска и одговорност на сите нас. Затоа апелирав дека дијалогот како највисока демократска вредност мора да опстои во овој период. Каде таа ќе се покаже најмногу, ако не таму каде што треба да се покаже – во институциите на системот. Затоа реков дека во сите министерства дијалогот треба да биде на едно ниво. Знаете, ние сега разговараме во услови кога се формираше ваква преодна влада до одржување на изборите, меѓутоа дијалогот како демократска вредност мора да функционира, без разлика дали е таа легитимна политичка влада, затоа што сепак е составена од повеќе политички субјекти. Сакам да истакнам дека македонското општество не смее да се враќа и да ги губи демократските вредност што беа изгубени до 2017 година. Сите заедно треба да се трудиме да продолжиме понатаму, да направиме чекор напред кон јакнење на институциите, чекор напред кон перцепцијата што ја имаат граѓаните кон институциите и затоа сметам дека компарацијата на таа влада што беше формирана за спроведување на изборите во 2016 година и сегашната просто е невозможна, затоа што имаме две различни состојби на државата – еден момент до 2016 година, еден хибриден режим во кој не функционираа институциите и ова не се мои констатации, ова се констатации на Европската Унија, констатации на сите кои во тоа време нè набљудуваа. Денеска имате држава што е на прагот да стане членка на НАТО, држава што ќе ги отвори преговорите со ЕУ, држава што е слободна, држава што има транспарентни институции, одговорни политичари, држава во која се спроведуваат реформи и владее правото и ние мораме како генерација и како членови на оваа влада за одговорноста што ја носиме, а тоа се придобивките од овие две години да продолжат и понатаму.

Вашиот наследник во ресорот за внатрешни работи, господинот Чулев, обвини дека за време на вашиот мандат криминогени структури се инволвирале во Министерството. Како го коментирате тоа и во каква состојба вие му го препуштивте ресорот, во однос на тоа како го затекнавте.

Видете, јас сум зборувал многу за тоа во каква состојба беше Министерството за внатрешни работи, а во каква состојба е сега. И тоа не треба да кажувам. Доволно е само да потсетам на проектот „Вистината за Македонија“ во која беа објавени прислушуваните разговори во кои самиот министер за внатрешни работи рече дека МВР е МВРО, асоцирајќи дека таму се наоѓаат штабовите на ВМРО, злоупотребата на институциите, злоупотребата на избирачите и ние во периодот на претходната техничка влада ги информиравме граѓаните што се случувало таму. Дури сликовито покажавме каде бил штабот на ВМРО, каде и на кој начин функционирале властите во тој момент, како се злоупотребувало избирачкото право преку издавање фалсификувани лични карти и документи. Меѓутоа сето тоа е минато. Ние треба да сме насочени кон иднината. Ние денес имаме МВР, кое започна процеси и дел успешно ги заврши, и тоа клучни реформи, суштинска реформи. Ќе го споменам само системот за следење на комуникациите, кој е целосно завршен со формирањето на оперативно-техничката агенција, и на тој начин до најмала можна мера елиминиравме злоупотреба на човековите права преку системот за следење на комуникациите, односно прислушувањето. Ако претходно имавме политичка криза што се базираше на прислушување и рушење на човековите права, денеска целосно е елиминиран тој модел. Ја реформиравме Управата за безбедност и контраразузнавање, се формираше новата Агенција за национална безбедност, финансиски го стабилизиравме Министерството за внатрешни работи, 2019 година е година во која првпат тоа не пренесува долгови во 2020 година. За прв пат ќе се исплатат бонус плати на полициските службеници кои работеле повеќе од 150 часа прекувремено во текот на годината, имавме неколкукратно зголемување на платите на вработените, јакнење на системот на професионализација итн. Инаку, кога станува збор за криминогени структури, да, јас сум говорел, сум влечел конкретни потези за ослободување на институциите од тие криминогени структури и, на крајот на краиштата, јас сум тој што прв почна да говори дека мораме да имаме ветинг во институциите и што направи конкретен чекор за институцијата ветинг. Така што не сакам како сериозни политичари, барем тие што се сметат за тоа, да се занимаваме со муабети, констатации, што може ќе придонесуваат за политички поени и во одреден момент за, не знам, фасцинирање на јавноста од тоа што се случува, туку едноставно треба да се зафатиме со работа. Има институции што функционираат низ процеси на тие институции, низ водење постапки, треба да се докаже и врз тоа да се влечат конкретни потези, што ќе значи ослободување на институциите од криминогените структури.

Распишувањето на предвремените избори следуваше по недобивањето датум за преговори со ЕУ. Дали сметате дека одлуката за предвремени избори беше избрзана, имајќи предвид дека предизборната кампања се поклопува со завршувањето на процесот на ратификација на Протоколот за членство во НАТО, одржувањето на мартовскиот Европски совет, како и подготовките за Самит ЕУ – Западен Балкан?

Јас воопшто не сметам дека сме донеле избрзана одлука. Во РС Македонија за овие две и пол години се решија најважните и најтешките прашања. Зборувам стратегиски прашања, што ги отворија перспективите на оваа држава и на генерациите за во иднина. И врз основа на тоа ние направиве сет реформски приоритети, коишто ги реализираме сè со цел да ја постигнеме целта што е стратегиски приоритет, а тоа е и членството во НАТО и во Европската Унија. И тоа генерално ни го признаваат и Европа и светот. Нема ни една држава во ЕУ во која не се констатира напредокот на РС Македонија во овој период. Дури има констатација дека РС Македонија има направено неверојатен скок од тоа што била како држава во 2016 година, од квалификација на заробена држава, ние денеска имаме држава што е на прагот на Европската Унија и ние како политичка структура, како влада секогаш сме се воделе од гласот на граѓаните. Тоа што го посакуваат граѓаните, тоа што сметаат дека е нивни приоритет, тоа да го реализираме, тоа што сметаат дека е лошо, да го поправиме, тоа што сметаат дека треба да се доработи, макотрпно да работиме и затоа сметавме дека по ваквата одлука, за која дури и самата Европска Унија констатираше дека е стратегиска грешка, сметавме дека треба да го вратиме мандатот кај граѓаните и од граѓаните да побараме да ја донесат одлуката, која е само во нивни раце, а тоа е како ја гледаат РС Македонија во наредниот период. Кој е патот по којшто треба да се движи РС Македонија и што е тоа што треба да направиме сè со цел да ги оствариме сите наши стратегиски интереси. Јас во тој дел сметам дека го направивме вистинскиот потег, а сум длабоко убеден дека граѓаните на С. Македонија ќе го направат вистинскиот потег со донесување на вистинската одлука на изборите.

Пред два дена во посета на земјава беше новиот еврокомесарот за проширување, господинот Вархеји, кој напомена дека е можна одлука за почеток на преговорите пред Самитот во Загреб. Дали е можно да очекуваме таква одлука пред изборите?

Видете, ние разговаравме многу отворено со господинот еврокомесар, кој првпат е во официјална посета на нашата држава. Разговаравме многу отворено за перспективите на целиот наш регион и јас сум навистина благодарен и на еврокомесарот и на претседателката на Европската комисија, коишто како приоритет го ставија започнувањето на преговорите со С. Македонија и со Албанија и поддршката што ја даваат со конкретните чекори, коишто тие ги преземаат, од една страна. Второ, јас знам дека оваа влада, политичките структури во државата, исто така, се насочени кон продолжување на реформските процеси и приоритети, кон јакнење на политичкиот дијалог во државата, кон градење, односно надградувањето на меѓуетничките односи во државата, кон економскиот раст итн. и кон одржување на состојбата во Македонија како столб на стабилноста во целиот овој регион. Зошто? Затоа што ние успеавме да ги затвориме сите отворени прашања со нашите соседи и навистина сме единствена држава што денес гради добри, пријателски и партнерски односи со државите од соседството. Сето тоа се добри предуслови и аргументации Европскиот совет да ја исправи својата, би рекол, неправедна одлука кон РС Македонија во однос на датумот за почнување на преговорите. Ние и понатаму ќе продолжиме да им даваме аргументи дека цврсто стоиме на патот за којшто се определивме и дека нашиот стратегиски интерес за членство во Европската Унија нема никаква алтернатива и јас очекувам само дека сите овие аргументи ќе ги земат предвид при донесувањето на одлуката. Час поскоро, донесувањето на одлуката за преговори за РС Македонија е јасна порака, огромна поддршка за граѓаните, меѓутоа и јасна порака за целиот регион.

Претседателот на Собранието Џафери вчера апелираше до политичките партии да ги намалат разликите околу законот за јавно обвинителство, а и од господинот Вархеји, како и од други меѓународни претставници имаше порака дека би било добро да се донесе тој закон. Дали евентуалното недонесување на законот од овој актуелен парламентарен состав би можело да има некакво влијание за повторно одлагање на одлуката на старт на преговорите?

Значи кога говорев за демократските капацитети на институциите, а тука се вклучуваат и демократските капацитети на политичките субјекти, пред сè сметам на политичкиот дијалог којшто се одвива во државата, во институциите. Парламентот е една од тие институции, Владата исто така, и ние ќе продолжиме да бараме одговор на сите овие прашања што се важни за напредокот на државата, меѓу нив и законот за јавно обвинителство. Точно е дека ние разговаравме со еврокомесарот во однос на донесувањето на ова законско решение и тој истакна дека тоа не е услов РС Македонија да добие датум за преговори. Меѓутоа би била многу добра препорака пред Европскиот совет дека навистина имаме сериозен напредок и од тој аспект одговорноста на политичките субјекти е на едно повисоко ниво во однос на усвојувањето на законското решение коишто би го задоволило концептот на тоа законско решение. Јас сметам дека ниту еден во државата не смее да ги стави своите лични или политички интереси над интересите на државата и на граѓаните. И сметам дека не постои одлука што треба да се донесе на политичко ниво, а да не може да биде донесена поради тоа што можеби ќе наруши некакви лични или политички очекувања на поединци, на одредени групи. И затоа сметам дека имаме шанса за дијалог, имаме шанса да успееме да направиме сериозен напредок во донесувањето на законските решенија. Тоа е едно од законските решенија, постојат и други законски решенија во Собранието за коишто ќе треба да се дебатира и да бидат донесени, сè со цел да покажеме дека ние сме сериозно подготвени и со минимум национален консензус дека РС Македонија треба да ги оствари националните интереси.

Како Законот во Собранието што беше донесен вчера.

Видете, тоа што вчера беше направено, донесувањето на Законот за Собранието е една многу значајна, би рекол историска одлука преку којашто не треба така лесно да поминуваме сите ние, туку треба да им ја укажеме важноста на овој закон на граѓаните на РС Македонија. Имавме претходно исто така едно законско решение или одлука што значеше финансиска независност на  Собранието и таа беше промовирана како една од силните демократски вредности на државата. Ние денеска имаме состојба во којашто донесуваме Закон за Собрание, којшто ја јакне независноста, кредибилитетот на оваа институција, и тоа е многу повеќе во смисла на демократска придобивка за сите нас и за граѓаните, и сметам дека тоа е една од вистинските одлуки којашто има своја вредност.

Во понеделникот бевте на средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, средба што предизвика многу шпекулации, како кај нас така и во соседството, пред сè во Србија, дури опозицијата ве обвини дека ја користите црквата и за предизборен политички маркетинг. Што конкретно стана збор на таа средба и дали се точни информациите дека патријархот се понудил да посредува меѓу МПЦ и СПЦ?

Видете, јас сум задоволен поради тоа што средбата предизвика реакција, затоа што средби што не предизвикуваат реакции можеме да констатираме дека биле без цел. Самиот факт дека оваа делегација беше по повик од вселенскиот патријарх, неговата сесветост Вартоломеј, доволно говори дека навистина е една значајна средба и веднаш по средбата јас ја информирав јавноста дека имавме многу пријатен, позитивен и долг разговор во однос на прашањата дека го поддржавме патријархот да продолжи и понатаму со, би рекол, за него својствено поттикнување на дијалог, решавање на прашањата помеѓу православните цркви и верниците, дека тој дијалог е потребен, сè со цел да се затворат и прашањата коишто значат несогласувања на црквите и во нашиот регион. Секако дека за нас е многу значајно да се најде решение за МПЦ. Тоа не се одлуки коишто ги донесува Владата или државата. Ние само кажавме дека имаме силна поддршка на МПЦ, дека постои едно силно единство за да се изнајде тоа решение, ние таа работа ќе ја оставиме на црквата да ја решава како прашање. Меѓутоа посакуваме да се најде  навистина решение. И овде кога станува збор за врвни и национални приоритети, не смее да станува збор за политика. Јас не можам да ги разберам поедини политички субјекти коишто не од сега, ако сакате и во поновата историја на Македонија или, пак, историски погледнато, дека многу пати за стратегиски национални приоритети не дале своја поддршка. И најмалку што може да не се одмага во процесот, туку да дозволиме слободно врз основа на разговорите коишто ќе се водат помеѓу црквите да дојдеме и до решение на ова прашање. Меѓутоа реков тоа ќе е работа на МПЦ заедно со Вселенската патријаршија преку разговор да дојде до решение. Наше е само да дадеме поддршка за целиот тој процес и да бидеме благодарни ако час поскоро дојдеме до решение.

Последниве недели бевме сведоци, да кажам, на опструкции од страна на ДУИ, прво при донесувањето на измените на Изборниот законик, а сега видовме и за Законот за поништување на лустрацијата. Како функционира коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ?

Коалицијата помеѓу партнерите во Владата функционира нормално во спроведувањето на владините програми, во спроведувањето на нашите приоритети. Ова што можеме да го констатираме дека постојат одредени несогласувања по прашањата се должи исклучиво на силниот демократски капацитет што го има оваа и претходната Влада. Ние сакаме да разговараме отворено за прашањата. Нормално е помеѓу политичките субјекти, помеѓу политичките партии, политичките партнери да нема сосема единствен став по однос на овие прашања и дека за тоа треба да разговараме и да изнаоѓаме решение. Меѓутоа не е нешто што ја загрозува коалицијата или ја загрозува соработката, туку напротив сметам дека со тоа имаме додадена вредност да повторно ги анализираме состојбите и врз основа на сите тие забелешки ние да дојдеме до навистина добри решенија коишто би биле во интерес на сите наши, на сите наши граѓани.

Какви се вашите очекувања од претстојните избори, како во делот на самата организација и спроведувањето така и на самите изборни резултати?

Сметам дека ние како држава треба да направиме сè да имаме фер, демократски и слободни избори, дека треба да направиме сè за да го одржиме нивото на тој демократски капацитет што го имавме на изборите 2017, 2018, 2019 година, кога навистина покажавме дека Република Северна Македонија има сериозен демократски капацитет во институциите за да овозможи во мирна, демократска и фер атмосфера граѓаните да ги донесат одлуките. Јас очекувам дека тоа ќе биде случај и со овие предвремени парламентарни избори и дека граѓаните навистина ќе донесат вистинска правилна одлука и дека Република Северна Македонија ќе остане на правиот пат.

Претпоставувам уверени сте во победата на коалицијата на СДСМ на изборите. Какви се вашите амбиции за после таа очекувана ваша победа?

Јас сум убеден на победа на концептот којшто значи напредок на државата, продолжување на сите овие процеси, интеграција на државата во ЕУ, продолжување на сите проекти коишто се започнати во овој период, силниот економски раст, изградбата на државата. Тоа сè се аргументи коишто мене ми влеваат доверба и сигурност во вистинска одлука на граѓаните. Инаку, кога станува збор за моите лични очекувања јас апсолутно никогаш, па ни сега, нема да го ставам мојот личен интерес или очекувања пред интересот на граѓаните. За мене е најважно да победат граѓаните со една вистинска одлука и да ја гледам РС Македонија како напредува.

МИА