Граѓаните на Србија ќе излезат на избори на 26 април, објави белградската Прва ТВ, повикувајќи се на неименувани извори.

Според наводите на телевизијата, истиот ден ќе се одржат и локални и парламентарни избори.

Наспроти ова, опозициските партии обединети во коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и други партии меѓу кои и Движењето на слободни граѓани (ПСГ) кои имаат донесено одлука за бојкот на пролетните парламентарни и локални избори во Србија, синоќа во Комбанк Арена во Белград усвоија Декларација во која се обврзуваат дека „секој обид за формирање влада заснована врз резултатите од лажните избори ќе се смета за чин на соборување на уставниот поредок“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Ние таквата власт ќе ја сметаме за нелегитимна и против неа ќе се бориме со секаков вид на отпор и граѓанска непослушност. Ќе ја продолжиме борбата за слободни медиуми и за слободни и фер избори со сите расположиви законски средства со цел демократизација на Србија, се наведува во Декларацијата.

Во неа се додава и „дека ќе се спротивстават на насилството, особено на секој екстремизам поврзан со режимот“.

– Ние се обврзуваме на солидарност во заштитата на сите ранливи граѓани кои се погодени од моќта на власта поради поинакво мислење или критичко дејствување и ќе дадеме помош и заштита. Ќе продолжиме да соработуваме со сите организации и поединци кои имаат иста цел. Ќе ги продолжиме разговорите со претставниците на ЕУ и на други земји и организации кои ги поддржуваат демократските вредности, слободата на медиумите и слободни избори, стои во Декларацијата.

Како што се наведува во Декларацијата на опозицијата, тие на граѓаните им ветиле „бојкот на узурпираниот парламент, што го имаат исполнето, а сега се исполнува и бојкотот на изборите, како што беше ветено“.