Филмот „1917“ на режисерот Сем Мендес, на синоќешното доделување на британските филмски награди БАФТА, победи во седум категории: за најдобар филм, најдобар британски филм, режисер, кинематографија, звук, продукциски дизајн и визуелни ефекти. А, беше номиниран и за оригинална музика и за шминка.

Според Британската академија за филмски и телевизиски уметности, најдобар глумец е Хоакин Феникс за насловната улога во „Џокер“. Најдобра глумица е Рене Зелвегер за улогата на Џуди Гарланд во биографскиот филм „Џуди“.

Наградите за споредна машка и женска главна улога отидоа кај Бред Пит („Си беше еднаш во Холивуд“) и Лора Дерн („Брачна приказна“).

Најдоброто оригинално сценарио го има јужнокорејскиот „Паразит“, што е прогласен и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Најдоброто преработено сценарио го има „Џоџо зајачето“.

Најдобар документарец е британскиот „За Сама“.

Англискиот глумец Енди Серкис ја доби специјалната награда за особен придонес кон филмската уметност.