Полскиот претседател Анджеј Дуда ќе се обиде денеска во Варшава да го убеди францускиот претседател Емануел Макрон да го олесни неговиот скептичен став кон проширувањето на Европската унија за Западен Балкан и за почетокот на преговорите со Македонија, соопштија од Кабинетот на полскиот претседател.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Бета ја пренесува изјавата на шефот на кабинетот на полскиот претседател, Кшиштоф Шчерски кој изјави дека „Полска ќе ги убедува француските партнери да ја остават вратата отворена за земјите што сакаат да влезат во ЕУ и во НАТО.“
-Претседателот Дуда, сака да разговара за причините за скептичниот став на францускиот претседател и можноста од него да отстапи, изјави Шчерски за претстојните разговори за време на првата билатерална посета на францускиот претседател на Полска, по седум години, кажа Шчерски.
Тој потсети дека „еден ден подоцна, во вторник, претседателот Дуда во Варшава ќе се сретне со претседателот на Македонија Стево Пендаровски и ќе го пренесе исходот од разговорите со претседателот Макрон.“
Дводневната посета на Емануел Макрон на Полска, која претставува обид за ублажување на односите меѓу Париз и Варшава, особено по Брегзит, ќе биде придружена од министрите за надворешни работи, одбрана, економија и култура, а претседателите ќе потпишат програма за полско-француска стратешка соработка за следните четири години.
-Тоа е посета на тешко премерување, ова се крупни теми. Улогата на Париз, улогата на Варшава, улогата на Берлин и другите европски метрополи ќе биде клучна во водењето политика на нашиот континент и во глобалната политика. Особено што континентална Европа носи многу потежок товар, многу поголема одговорност по Брегзит, кажа Шчерски за полската државна ТВ ТВП.
Макрон и Дуда денеска ќе разговараат за безбедносните прашања, односот на НАТО со Русија, каде Полска, за разлика од Франција, не сака да се откаже од санкциите и зголемениот притисок врз Москва сè додека, како што кажа полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович, не се врати на почитување на меѓународното право.
Од француска страна, во пресрет на посетата, беше најавено дека Претседателот Макрон, за време на неговата прва посета на некоја земја членка на ЕУ, по напуштањето на Велика Британија, сака да ги ресетира и да ги подобри односите со Полска, каде со доаѓањето на конзервативците, односите од 2016 година почнаа да се затегнуваат.
Со ставот кон Русија и проширувањето кон Западен Балкан, односите се оптоварени и поради француската критика за контроверзната полска правосудска реформа, каде Париз застапува иста позиција како Брисел и ЕК, дека владеењето на правото во Полска е загрозено по серијата реформи, како и климатските прашања, каде Полска одбива да се придружи на европските амбиции, до 2050 да се ослободи од зависноста од јаглен.
Ова затегнување на односите доведе и до парализа на Вајмарскиот триаголник, неформална платформа за соработка меѓу Германија, Франција и Полска, а сега и од двете страни, како и во Берлин, постои желба да се оживее Вајмарскиот триаголник, бидејќи Полска по Брегзит станува петта земја-членка на ЕУ во однос на населението и шестата најголема економија по БДП.