Собранискиот спикер Талат Џафери се обратил до Државната изборна комисија да се изјаснат кој е оптималниот рок за распуштање на Парламентот за да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Одговорот од ДИК, според Џафери, бил дека тоа треба да биде на 55 дена пред изборите што значи дека Парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари.
Ова денеска го изјави Џафери на заедничката прес-конференција со претседателот на словенечкиот Парламент, Дејан Жидан, посочувајќи исто така дека денеска како пратеник до Собранието доставил нова Предлог-одлука за распуштање на Парламентот.
-Нивниот одговор е оптималниот рок е 55 дена пред денот на гласање што значи денот на гласањето треба да биде 56-иот ден, рече Џафери.
Во однос на Законот за јавно обвинителство Џафери кажа дека овој закон и законот за Советот за јавни обвинители се ставени на дневен ред на седница закажана за 17 часот.
Во врска со информациите дека ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците нема да го поддржат законот бидејќи е различна верзија од она што е договорено, Џафери рече дека како спикер нема право на влијание врз материјалниот дел на законот.
Според него, политичките партии треба да ги објаснат своите несогласувања и до 17 часот сите имаат можност да направат корекции.