Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со случајот „Рекет“ денеска на прес-конференција истакна дека обвинителството треба да постапува според словото на законите и вистинските обвинети во случајот да бидат изведени пред лицето на правдата.
– Сега е јасно зошто текстот на законот за јавно обвинителство требаше да биде таков каков што е, така што немам навистина што да додадам, освен тоа еве да апелирам до надлежните органи за транспарентна и целосна постапка поврзана со случајот „Рекет“ без разлика дали во тие ПИ мерки влегол братот, дали влегол другиот брат, дали влегол братучедот или некој друг, изјави Мицкоски
Во „Рекет“, според него, ситуацијата е јасна како ден, и оти се знае кој е октоподот сега, и која е главата на октоподот.
-Не треба ние воопшто и да размислуваме ниту да одгонетнуваме ребуси. Јасно е што подразбира окотоподот наречен „Рекет“ во случајов, кој е главата на тој октопод. За жал го видовме вчера на повишен тон како бара правда во нашата држава, претпоставувам бара нова амнестија. Многу е јасно и на тие ПИ мерки, ова рекетирање станало семејна забава, па, гледаме не само Зоран Заев туку и неговиот брат се состанувал со еден од осомничените и осуден во овој случај. Сигурно не разговарале за романи и каква било поезија. Претпоставувам дека тема на разговорот биле бизнис интереси или бизнис зделки меѓу кои неминовна тема била сигурно и случајот „Рекет“, рече Мицкоски.
Заев, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, неколку пати досега кажал дека се оградува за на крај, како што кажа, „да видиме дека притвореничката Јанева и одела во резиденцијата на претседателот на Владата“.
-Сигурно таму не се среќавала со некои од обезбедувањето, претпоставувам се среќавала со Зоран Заев, претпоставувам дека тема на муабетот биле разговори поврзани со случаите во Специјалното јавно обвинителство. Истовремено гледаме како веќе овој осудениот, кој што призна вина, одел во Владата, а претходно Зоран Заев ако сеќавате рече дека само еднаш се сретнал со тоа лице, кога овој му носел инвеститори во владата, а гледаме дека таму на задниот влез влегол сам без да биде придружуван од било какви инвеститори, рече Мицкоски.
Секој оној обвинител кој сака да работи според законите и кој што сака да го приведе овој случај до крај, според него, „се знае кој овде е главниот организатор, инспиратор, сценарист на целиот случај поврзан и наречен „Рекет“.
Во врска со законот за јавно обвинителство, Мицкоски повтори дека правниот тим на партијата ја анализира целокупната постапка од правен аспект и кога ќе биде завршена анализата, констатирани недоследностите и аномалиите ќе постапиме соодветно на препораките.