Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 11 февруари.

Денеска е Св. новомаченик Георгиј Кратовски.

Во Црквата нови маченици се нарекуваат мачениците од послевизантиското време, главно од времето на турското ропство. Свети Георгиј пострада во тоа време, од Турците, заради исповедање на Христос. Потекнуваше од Кратово и го имаше изучено занаетот на златарите. Како паметно, убаво и добростоечко момче, локалните Турци сакаа да го обратат во исламот, па беше принуден да побегне во Софија. Но и тука го пресретна истата состојба. По навалувањето да го прими исламот, тој беше ставен на маки и убиен. Ова ново светило на македонската земја пострада во 1515 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Модест.

Тој бил еден од бискупите на древната бискупија во Триер, со кој управувал во петтиот век, кога се распаѓало Римското царство и кога, поради преселбите на народите и нападите на барбарите, во Европа владеела голема несигурност. Во време на освојувањата и масовните убиства, единствената светла точка биле светите бискупи кои за да го спасат народот го изложувале на опасност сопствениот живот. Меѓу тие бискупи се вбројува и свети Модест.