Тренерот на Манчестер сити, Јосеп Гвардиола по триумфот (2:1) над Реал Мадрид во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите истакна дека борбата за пласман во следната фаза сè уште не е завршена.
– Начинот на кој игравме е многу важен. Се обидовме да победиме. И ние се снајдевме на овој стадион и покрај водството на Реал. Но, ова е само првиот дел. Тимот покажа дека е во состојба да се извлече од оваа ситуација благодарение на своето искуство. Се разбира, ова е добар резултат пред реваншот, изјави Гвардиола.
Тој им замери на своите избраници за начинот на кој го примија голот.
– Не смееме да примаме такви голови. Во нападот бевме добри. Создававме шанси во текот на целиот натпревар, но Куртоа бранеше многу добро. Победата на „Сантијаго Бернабеу“ е големо задоволство. Не сме навикнати на вакви резултати, но ова укажува на тоа дека можеме било каде да победиме, нагласи шпанскиот тренер.
Реваншот во Манчестер е закажан за 17 март.