Голем пожар беснее во западниот дел на областа Атика во поширокиот регион на Атина. Огнената стихија се уште не е ставена под контрола, а граѓани од околината, превентивно, ги напуштаат нивните домови. Чадот ја покри речиси целата грчка престолнина, јави МИА од Атина.

Станува збор за шумски пожар кој се проширил кон населеното место, додека пак временските услови, односно ветрот дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.

Противпожарната служба на Грција објави дека на терен се 70 пожарникари со 30 возила, два хеликоптера и пет авиони.

Според грчката телевизија Скај, најмалку две куќи претрпеле помала материјална штета од пожарот.

Поради ветерот чадот се прошири речиси низ цела Атина, а го покри небото дури и во населбите што се на над 50 километри оддалеченост од огнената стихија.