Германија од утре „во голема мера“ ги затвора своите граници со Франција, Швајцарија и Австрија, за да го запре ширењето на коронавирусот, потврдија владини извори.

И Австрија најавува слични мерки, односно од вторник на полноќ ќе ги затвори своите граници за слободен патнички сообраќај кон Швајцарија и Лихтенштајн.

Германската граница ќе биде затворена утре во 8 часот изутрина. Стоката и тие што патуваат поради работа ќе може да јаминуваат границата.

Целта е да се спречи ширењето на коронавирусот, но и паника, пренесува Би-Би-Си.

Во Германија има повеќе од 5.300 заразени луѓе, а 10 досега се починати. Германија, која строго се придржува кон Шенгенскиот договор, се соочи со притисок да ја затвори својата граница.

Претседателот на австриската покраина Форарлберг, Маркус Валнер соопшти дека државјаните на Швајцарија и Лихтенштајн ќе може да влегуваат во Австрија само со лекарска потврда дека не се инфицирани со коронавирус.

Полска, Чешка и Данска, соседи на Германија, веќе ги затворија своите граници или имаат воведено строги ограничувања.

– Ширењето на вирусот мора да се забави. Основно правило треба да биде: на оној на кого не му е итно да ја мине границата, не би требало ни да ја минува, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бадем-Виртенберг, Томас Штробл.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти во петокот дека Европа сега е епицентар на пандемијата.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом ги повика сите земји да преземат агресивни мерки, мобилизација на заедницата и да повикаат на дистанца меѓу луѓето за да спасат животи.