Поздравувајќи го Брегзит, омаловажувајќи ја ЕУ, тврдејќи дека НАТО е надминат, напуштајќи ја Сирија, спогодувајќи се со Путин, Трамп му се заканува на целокупниот надворешно политички естаблишмент со тоа што најмногу го плаши – тривијализација. Зашто, доколку нема војна, ни сегашна, ни идна, ни посакувана – што да прави Воената партија?
„Предавство, поткупување или друг тежок криминал и престапи.“ Според Уставот (на САД, н.з.) ова се дела поради кои може да се покрене постапка за импичмент на претседателот. Слушајќи ја нашата елита, Доналд Трамп е виновен за сето тоа.
Одбивањето на Трамп да се спротивстави на тврдењата на Владимир Путин во Хелсинки – дека неговата ГРУ не ја хакирала кампањата на Хилари Клинтон – наречено е предавство, одбивање да ја исполни својата должност за што се заколнал, да ги штити и одбрани САД, и тоа го кажа ни помалку, ни повеќе туку екс директорот на ЦИА.
Прочуени новинари и екс официјални лица на американската влада, го нарекоа руското хакирање на Демократскиот национален комитет (ДНЦ) „чин на војна“, споредувајќи го со Перл Харбур.
Њујорк тајмс дури објави и текст во кој се набројани сите кои досега го обвиниле Трамп за предавство. Други сметаат дека Путин го уценува Трамп или го поткупил или го компромитирал пред многу години.
Конгресменот Стив Коен дури повика: „Каде нив е војската народе? Непријателот ни го држи врховнот командант во раце!“ Очигледно некои од левицата сметаат дека ни е потребен воен пуч за да ја спасиме демократијата.
Откако Роберт Велч од Друштвото Џон Бирч го нарече Двајт Ајзенахуер „свесен агент на комунистичкиот заговор“, такви обвинувања не се упатувани ниту кон еден претседател. Но, тогаш „бирчевци“ беа надвор од главните текови во државата, а денес естаблишментот е тој кој вреска: „Предавство!“ Што ја објаснува оваа хистерија?
САМО ПРЕКУИ НАС МРТВИ
Најлошото сценарио би било тоа во кое би се покажало дека естаблишменот всушност верува во небулозите кои ги дрдори. Но во тоа е тешко да се поверува. Како и детето кое викало „волк“, естаблишментот премногу пати викаше „фашисти“ за сега било кој да ги сфаќа сериозно.
Пред еден емсец, „Никогаш Трамп“ агитаторите го споредуваа раздвојувањето на децата на имигрантите од приведените родители кои во САД ги донеле илегално, со логорите за Јапонците во САД кои ги воведе Рузвелт. Некои коментатори дури правеа споредби со тоа што нацистите го правеа во Аушвиц. Ако естаблишментот навистина верува во овие глупости, би бил неприфатлив ризик да се дозволи неговите луѓе било кога да се приближат до лостовите на моќта. Всушност, станува збор за нешто друго: американските елити се извадени од памет со успесите на Трамп и сопствениот неуспех да го сопрат.
Трамп ја дерегулира економијата, ги намалува даноците, поставува рекореден број федерални судии, го преобликува Врховниот суд, користи тарифи да ги сосече трговските дефицити и има остар тон кон сојузниците кои не искористуваат. Најлошо од се, Трамп очигледно има намера да оди до крај со своето предизборно ветување дека ќе ги поправи односите со Русија и односите со Путин. „Само преку нас мртви“ вреска на цел глас естаблишменот.
Оттука произлегуваат и реторичките „оружја за масовни уништувања“ со кои го опсипуваат Трамп: лажго, диктатор, авторитарен, пудлица на Путин, фашист, демагог, предавник, нацист. Таков речник поттикнува насилство. Човек мора да се запраша дали тие го сфаќаат ефектот на зборовите со кои така лесно се расфрлаат…
Патрик Бјукенен
СЕ ИЛИ НИШТО
Пост-хелсиншката хистерија го открива не само менталниот склоп на непријателите на претседателот, туку и длабочината на нивната решеност да го уништат. Тие имаат намера да го скршат Трамп, да го видат отповикан, тргнат настрана, обвинет и процесуиран, а неговата агенда со која победи да ја видат фрлена на ѓубриштето на историјата.
Во четвртокот Трамп укажа дека точно знае што прави, па на противниците во лице им фрли ракавица полна со пркос: „Медиумите што лажат, очајнички сакаат да видат голема конфронтација со Русија, па макар таа конфронтација не водела кон војна. Тие така безумно агитираат и се гадат од фактот дека веројатно ќе имам добар однос со Путин“.
Право во средина на метата. Трамп всушност вели – ќе ја отповикам Студената војна 2, пред да прерасне во војна која девет американски претседатели ја избегнуваа, и покрај советските провокации кои беа неспоредливо поголеми од Путиновото чепкање по мејловите. Веднаш потоа, Белата куќа најави дека Владимир би можел да дојде на вечера оваа есен.
Трамп оди кон решавачка битка од својот претседателски мандат: преобликување на американската надворешна политика со цел избегнување на судир и конфликти со Русија и поткастрување на обврските останати од Студената војна кои повеќе не се втемелени во националните интереси на САД.
Но, доколку се обиде да ја спроведе својата агенда на дело – да замине од Сирија, да ги повлече трупите од Германија, да ги преиспита обврските од членот 5 од Повелбата на НАТО заради која мора да влезе во војна за 29 држави од кои, за некои како, на пример, Црна Гора, мноштвото Американци никогаш и не слушнале, се впушта во најбруталната битка од својот претседателски мандат. Оваа хелсиншка хистерија е само вовед во тоа.
Поздравувајќи го Брегзит, омаловажувајќи ја ЕУ, тврдејќи дека НАТО е надминат, напуштајќи ја Сирија, спогодувајќи се со Путин, Трамп му се заканува на целокупниот надворешно политички естаблишмент со тоа што најмногу го плаши – тривијализација. Зашто, доколку нема војна, ни сегашна, ни идна, ни посакувана – што да прави Воената партија?
(Авторот бил советник на американските претседатели Ричард Никсон, Џералд Форд и Роналд Реган)