Макроекономската состојба е стабилна, девизните резерви се на адекватно ниво, банкарскиот сектор е стабилен, оцени гувернерката на Народната банка Анита Ангелоска- Бежоска, која рече дека она што загрижува се ризиците насочени кон реалниот сектор и оттаму како централна банка преземаат мерки во рамки на своите законски надлежности.

-Најновите макроекономски податоци покажуваат дека макроекономската состојба е стабилна во услови на ниски инфлациски движења, високо ниво на девизна резерви и стабилен и здрав банкарски систем, кој е клучен столб за одржување на финансиската стабилност во нашата економија, рече гувернерката.

Појасни дека инфлацијата е на ниво од 0,7 отсто што е пониско од очекувањата, девизните резерви се на ниво од три милијарди евра што се двојно повеќе од нивото во 2008 година.

Потенцира дека имаме високо ниво на девизни резерви што се на адекватно ниво на девизни резерви за справување со какви било потенцијални шокови и не постои баш никаков ризок,  во однос на девизниот курс.

Наведе дека сите податоци покажуваат дека сите бакарскиот систем е здрав.

Ги напомена одлуките што ги донела централната банка во изминатиот период, при што додаде дека се разгледува предлог одлука со која би се влијаело на олеснување на условите за реструктуирање на кредитите на погодените сектори.

-Разгледуваме предлог-одлука за методологија за управуваање со кредитен ризик, каде фокусот е да се обидеме да влијаеме потаргетирано. Целта е да се олеснат условите за реструктурирање на кредитите на погодените сектори, а самото тоа значи промена на договорните услови што може да вклучи намалување на каматната стапка, одобрување грејс период, продолжување рок на отплата и слично. Ова се само почетни иницијални информации, зашто оваа одлука се разледува во соработка со банкарскиот систем, ќе разговараме и со Владата, но набрзо очекувам да биде предложена до Советот и се надевам дека ќе се усвои, истакна гувернерката на прес-конференцијата во Владата за економските мерки.